Обвинетите Никола Антониески и Марина Давчевска кажаа дека не се чувствуваат за виновни за кривичното дело запуштање и малтретирање на дете во случајот со трите деца Драгана, Петар и Теона кои загинаа во пожарот што се случи на 20 јуни 2018 во нивниот дом во Велес. Така започна судскиот процес во Основен суд Велес, кој претходно имаше повеќе одлагања, а пред два месеца, Марина стана мајка на машко дете.
Обвинителката Аделина Станинова во воведниот говор кажа дека Марина и Никола, кои живееле во вонбрачна заедница, не ги заштитиле животите на децата, на што се должни согласно законот.
„Со грубо запоставување на децата, тие ги запуштиле и оставиле сами во нивниот дом, иако на нивна возраст не можеле сами да се грижат за себе. Во 16:10 часот избувнал пожар од непознати причини, во кој децата ги загубија животите“, рече Станинова.
Во воведниот говор на одбраната, бранителот адвокат Ивица Ефремов ја префрли вината за смртта на трите деца на државата и системот.
„Да живеевме во правна и социјална држава, за каква се декларираме, на обвинителната клупа требаше да биде државата Република Македонија. Обвинетите не биле вработени, немале егзистенција, биле со три мали деца и со социјална помош од 5.000 денари. Даден им е социјален стан по трагедијата, а им требал претходно. Наместо да се испитаат причините за пожарот, најлесно е да се обвинат родителите“, кажа Ефремов.
Сведоците Нада Трајкова и Тодорка Филиповска од Центарот за социјални работи во Велес кажаа дека во случајот на Никола Антониевски и Марина Давчевска се постапувало само по барање за добивање материјална помош и немало пријава за запуштање на децата.
„Семејството не беше обезбедено материјално, во нивниот дом владееше сиромаштија. Пред пожарот не користеа бесплатен ручек, немаше ниту барање за добивање социјален стан. Во куќата не постоеја услови за живот“, рече Филиповска.
Сведочеше и Јован Стојанов, бившиот сопруг на обвинетата Марина, кој, според обвинетите, пред да почне расправата им се заканувал во холот на Судот.
„Не знаев дека децата се изгорени. Бев на работа од седум до 16:40. Откако стигнав дома, по некое време дојде полиција и ме однесе во станица. По пат ми се јави газдата Насер и ми кажа дека Драгана изгорела. Не знам каде тие живееја. Еднаш отидов да го видам девојчето оти од Центарот за социјални работи имав дозвола да го гледам двапати неделно, но Никола не ми даде, ме избрка и ме удри со копач. Во полиција вечерта по пожарот ме задржаа од 18 до 23 часот. Никогаш не сум му се заканувал. Многу ме боли за девојчето, срцево ме боли. Низ град ги гледав Никола и Марина како шетаат без деца, влегуваа во казино, и двајцата пијат алкохол. Ги заклучуваа децата“, кажа Стојанов.
На прашањето дали тој видел дека децата се заклучуваат, рече:
„Не, но ми кажаа комшиите“, кажа Стојанов без да ги именува.
На неговите реакции дека му починало роденото дете Драгана, од клупата за обвинети мајката Марина дофрли: „Не, не е негово“.
Стојанов тврдеше дека обвинетиот Никола не се грижел за Драгана и другите две починати деца, на што тој од обвинителната клупа му рече: „Ти ја запали куќата“.
Поради тензичност во судницата, сведочењето на Стојанов беше прекинато додека не се смири, оти удираше по говорницата и мавташе со раце.
Судењето продолжува со сослушување на други сведоци.
П. ПЕЧКОВ