Агенцијата за лекови и медицински средства на Словенија направи инспекција во погоните за производство на лекови на „Алкалоид АД Скопје“ и притоа ги потврди сертификатите за сообразност со начелата на Добрата производна пракса. Тие се обновени на три години и се однесуваат на погоните за цврсти дозажни форми (таблети и капсули), течни дозажни форми за интерна и екстерна употреба, полуцврсти дозажни форми и за погонот за цефалоспорини.
Ваквите проверки од страна на високи регулаторни авторитети се основа за стекнување и одржување на авторизациите за пласман на производите на компанијата во Европската Унија и на најстрого регулираните пазари.
Производство на ценовно достапни, квалитетни, ефикасни и безбедни лекови и производи за широка потрошувачка, како и хуманата програмско-производна определба се начелата од кои компанијата ќе продолжи да се води во секојдневните операции, соопшти „Алкалоид“.



