ПИВАРА СКОПЈЕ ДОБИ НОВА А-ИНТЕГРИРАНА ЕКОЛОШКА ДОЗВОЛА

    ПИВАРА СКОПЈЕ ДОБИ НОВА А-ИНТЕГРИРАНА ЕКОЛОШКА ДОЗВОЛАМинистерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини кажа дека новата А-интегрирана еколошка дозвола претставува потврда за сите досегашни напори и вложувања на Пивара Скопје во заштита на животната средина, на доделувањето на новата А-интегрирана дозвола. (Фото: Пивара Скопје)

    Министерството за животна средина и просторно планирање ѝ додели на Пивара Скопје нова А-интегрирана еколошка дозвола со важност во наредните седум години, соопшти компанијата. Со овој документ се потврдуваат дополнителните вложувања и одржувањето на највисоко ниво на контролата на можно влијание на компанијата врз животната средина и се опфатени и проценети сите измени во инфраструктурата и технолошките процеси кои Пивара Скопје ги има направено во периодот од добивањето на претходната еколошка дозвола, издадена во август 2012 година, до денес.

    „Грижата за животната средина е една од најзначајните стратешки определби и претставува еден од столбовите на кои се темели долгорочниот одржлив развој на Пивара Скопје. Ние сме целосно свесни за придонесот што го имаме и што можеме да го дадеме за обезбедување почиста животна средина и затоа како компанија имаме интегриран пристап и си поставуваме цели и еколошки таргети кои во одредени сегменти ги надминуваат дури и барањата од домашното законодавство во оваа област. За нивно исполнување од големо значење се посветеноста на сите вработени, нашите интензивни вложувања, како и огромната поддршка и лидерство од групациите Кока-Кола ХБЦ и Хајнекен каде припаѓа нашата компанија“, изјави генералниот директор на Пивара Скопје, Дан Тимотин.

    Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини кажа дека новата А-интегрирана еколошка дозвола претставува потврда за сите досегашни напори и вложувања на Пивара Скопје во заштита на животната средина и истовремено претставува гаранција дека компанијата во својата работа целосно и во континуитет ќе продолжи да ги применува највисоките стандарди во оваа област предвидени со нашето законодавство, почнувајќи од изборот на суровини, преку контролата на процесот на производство, дистрибуција и продажба, па сè до управувањето со амбалажата.

    Поддршка кон успешното заокружување на процесот и добивање на новата еколошка дозвола дадоа и амбасадорката на САД Кејт Мари Брнс, амбасадорот на Холандија Дирк Јан Коп, како и градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски.

    Ресорниот министер, градоначалникот на Гази Баба и двајцата амбасадори ги посетија и се запознаа со главните технолошки процеси во Пивара Скопје и со инвестициите кои обезбедуваат поголема заштита на животната средина, како што е Станицата за био-третман на водите, што претставува високотехнолошка иновација во домашната индустрија и обезбедува заштеда и целосно прочистување на целокупната вода што се користи во производствениот процес на Пивара Скопје. Оваа станица е првата од ваков вид во земјата и регионот и во нејзината изградба беа инвестирани околу 3 милиони евра.

    Пивара Скопје, раководејќи се од глобалните определби за заштита на животната средина и одржлив развој, дефинирани од групацијата Кока-Кола ХБЦ за периодот до 2025 година, ќе работи на тоа целокупната амбалажа што се употребува да може да се рециклира, а истовремено поголемиот дел од пластиката што се користи во производството да потекнува од рециклирана ПЕТ-амбалажа.

    Од компанијата велат дека си поставиле и амбициозна цел која ги надминува законските обврски, континуирано да го зголемува својот придонес во собирањето на отпадот од пакување што се врши преку системот во кој учествува и првата специјализирана компанија за управување со отпад од пакување – Пакомак, каде Пивара Скопје е еден од основачите и обезбедува континуирана поддршка за нејзиното функционирање.

    „За предводничката улога и евидентните резултати во доменот на заштита на животната средина и одржливиот развој, Пивара Скопје, заедно со останатите членки на Кока-Кола ХБЦ, шест години по ред, го освојуваат првото место во европската и светската индустрија за пијалаци, во рангирањето кое го спроведува ’Дау Џонс индекси за одржливост‘, водечкиот глобален стандард за одржливост во бизнисот“, велат од компанијата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира