ГЛУВОНЕМОТО ДЕТЕ КОЕ БЕШЕ ВРЗУВАНО ЗА РАДИЈАТОР ВО БАЊА БАНСКО, ЌЕ ДОБИЕ 18.000 ЕВРА ОТШТЕТА ОД ДРЖАВАТА ЗА НЕЧОВЕЧНО ПОСТАПУВАЊЕ, ПРЕСУДИ СУДОТ ВО СТРАЗБУР

    ГЛУВОНЕМОТО ДЕТЕ КОЕ БЕШЕ ВРЗУВАНО ЗА РАДИЈАТОР ВО БАЊА БАНСКО, ЌЕ ДОБИЕ 18.000 ЕВРА ОТШТЕТА ОД ДРЖАВАТА ЗА НЕЧОВЕЧНО ПОСТАПУВАЊЕ, ПРЕСУДИ СУДОТ ВО СТРАЗБУРСудиите констатирале дека државата е одговорна за сместување на детето во установа која ги нема потребните ресурси да ги задоволи неговите потреби. - Европскиот суд за човекови права и слободи во Стразбур

    Државата треба да му плати отштета во износ од 18 илјади евра на осумгодишното дете Л. Р. кое Народниот правобранител при ненадејна посета го најде врзано со завој за радијатор во Заводот за рехабилитација во Банско во 2012 година, пресуди денеска Европскиот суд за човекови права и слободи во Стразбур (ЕСЧП).

    Судот во Стразбур констатирал повреда на правата на детето со тоа што било врзувано „за негова безбедност“.

    Во пресудата се наведува дека Хелсиншкиот комитет за човекови слободи и права преку адвокат случајот го пријавил во Јавното обвинителство. Откако основниот јавен обвинител констатирал дека нема случај, бидејќи државата немала можност да го смести во соодветна установа, застапникот на Хелсиншки поднел жалба и во Вишото јавно обвинителство, каде била потврдена првостепената одлука. Оттука невладината организација оформила предмет и поднела тужба до Стразбур.

    Одлуката судиите ја донеле едногласно. Повреден е член 3 од Европската конвенција за човекови слободи и права, која забранува нечовечко и понижувачко постапување. Судиите констатирале дека државата е одговорна за сместување на детето во установа која ги нема потребните ресурси да ги задоволи неговите потреби. Лекарите ова на ова глувонемо дете му констатирале церебрална парализа и ментални пречки во развојот и врз основа на таа дијагноза било сместено во заводот во Бања Банско, кој е за лекување и третман на лица со физичка попреченост.

    „Народниот правобранител од Националниот превентивен механизам беше информиран дека при посетата на Заводот за заштита и рехабилитација ’Бања Банско‘, затекна дете кое нема физичка попреченост, туку е глуво и се наоѓа во социјален ризик. Заради безбедносни причини детето беше врзано, никој не комуницира со него и не ја добива соодветната грижа и нега, затоа што вработените не го познаваат гласовниот говор. Исто така, затекна друго малолетно лице со ментални пречки во развојот, кое наместо во установа за лица со ментална попреченост е во установа за деца/лица со физички пречки, како и лице кое има психички нарушувања. Одделението за заштита на правата на децата и лицата со посебни потреби, покрена постапка по сопствена иницијатива и се обрати до Министерството за труд и социјална политика со барање за соодветно згрижување на овие лица и третман, согласно нивната попреченост“, стои во Извештајот на Народниот правобранител за 2013 година.

    Со шест гласови „за“ и еден против, ЕСЧП исто така смета дека имало повреда правото на детето за истрага за неговиот случај со нечовечко постапување.

    Судот пресуди Северна Македонија да му плати на детето 18.000 евра за морална штета и 1.650 евра за судски трошоци.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира