НИЕДНА ТЕТОВСКА ФИРМА НЕ ДОБИЛА СУБВЕНЦИИ ЗА ФИЛТЕР ЗА ОЏАК ЗАШТО НЕ МОЖЕ ДА ДОКАЖЕ ДЕКА ЗАГАДУВА

    НИЕДНА ТЕТОВСКА ФИРМА НЕ ДОБИЛА СУБВЕНЦИИ ЗА ФИЛТЕР ЗА ОЏАК ЗАШТО НЕ МОЖЕ ДА ДОКАЖЕ ДЕКА ЗАГАДУВАСите кои аплицирале за добивање средства за поставување филтри не ги исполниле условите, велат од Министерството за животна средина (Фото: СДК.МК)

    Во септември минатата година, Владата преку Министерството за животна средина најави дека целосно ќе го субвенционира поставувањето филтри на оџаците на 30 мали и средни претпријатија од Тетово кои се занимаваат со преработка на дрво. Ова беше најавено како мерка за намалување на загаденоста на воздухот, бидејќи овие претпријатија, посебно во зимскиот период, најчесто го користеа отпадниот материјал од производството на мебел за загревање. Но, по неколку месеци од почетокот на акцијата, од Министерството велат дека ниту една фирма не добила средства за поставување филтри бидејќи не ги исполниле условите на конкурсот.

    „Во Полошкиот Регион има триесетина компании кои го користат отпадот од процесот на производство за затоплување. Затоа ние минатата година ја прифативме иницијативата која потекна од здружението ‘Екогерила‘ од Тетово да субвенционираме вградување филтри на оџаците на мали и средни компании, но тоа не наиде на одзив. Сите кои аплицираа за добивање средства за поставување филтри не ги исполнија условите. Ние активно апелиравме да се искористи оваа можност, рокот беше неколку пати пролонгиран, но без успех. Ние и понатаму ќе настојуваме овие компании да добијат филтри, но ќе мора да примениме некој нов механизам. Планираме за оваа година мерката да се однесува на сите мали и средни компании“, изјави заменик министерот за животна средина Јани Макрадули на трибина во Тетово.

    Наспроти ова, од „Екогерила“ велат дека проблемот не е кај претпријатијата кои пројавиле интерес да ги искористат субвенциите, туку во условите кои биле наведени во конкурсот.

    „На огласот на Владата се пријавија повеќе фирми од Тетово, на кои ние им помогнавме во изработката на документацијата за аплицирање, но критериумите беа така поставени што ниту една фирма не успеа да добие средства. Главната причина беше што еден од критериумите беше фирмите да достават документ кој потврдува дека се загадувачи на воздухот. Апсурдот е што кај нас не постои институција или фирма која може да издаде таков документ. Затоа ние побаравме оваа иницијатива да продолжи и во оваа година, но да се променат критериумите. Ако се избрише овој критериум, тогаш многу фирми и компании имаат добри шанси да ги добијат парите, да постават филтри и со тоа, барем до некаде, да се ублажи состојбата со и онака енормо загадениот воздух во Тетово“, вели Аријанид Џафери од „Екогерила“.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира