(Специјално од Ротердам: Марина КОСТОВА)
Една „луј витон“ чанта со милион долари ќе смени осум раце во јужнокорејската црна комедија „Ѕверови со канџи закачени на сламки“ на Ким Јонгхон, што е во трката за престижниот Златен тигар на 49. филмски фестивал во Ротердам. Филмот е деби на Јонгхон во кој е собрана екипа од големи корејски актерски ѕвезди, а е инспириран од истоимен јапонски расказ. Авторот вели дека приказната во која осуммина се борат за чантата со пари оставена во една гардероба од јавна сауна е забавна оти личи на штафетна трка на 400 метри, а од друга страна го покажува и дното до кое може да падне еден човек.
На прашањето што би правел тој ако најде „луј витон“ чанта полна со пари, Јонгхон вели:
„Прво ќе земам 50.000 и ќе чекам. Ако никој не ги бара ќе земам уште 50.000, ако и нив не ги бара никој ќе ја земам цела торба. После толку ќе бидам вознемирен и нервозен, што ќе ја вратам торбата од кај што сум ја нашол. Се шегувам, се разбира“.
„Ѕверови со канџи закачени на сламки“ е во вториот дел од селекцијата на 10 дебија, втор или трет филм на авторите за Златен тигар, и за разлика од првиот дел, кај преостанатите пет не може да се најде врска ниту тематски ниту жанровски.
Кинескиот „Облакот во нејзината соба“ на Женг Лу Шинјуан е за девојка која се враќа во родниот град за да биде со семејството, но бракот на нејзините родители се распаѓа пред нејзините очи исто како и вредностите кои се менуваат. Шинјуан вели дека ова е филм за нејзината генерација, која во 1990-те била последната од кинеската политиката за едно дете.
„Како единствено дете, секој од нас беше во центарот на вниманието на семејството, но исто така секој беше и многу осамен оти немавме дома врсници со кои би биле блиски“, вели Шинјуан и додава дека во својот филм сакала „да ги стопи границите меѓу реалноста, фантазијата и сонот“.
Во конкуренцијата за Тигар се и индискиот „Насир“ Арун Картик, наивно реалистичен за еден ден во животот на муслиман во државата Тамил Наду во наплив на хинду национализмот, полудокументарецот за пагански обичај „Камењарник“ на Алехандро Телемако Тараф снимен на висина од 5.000 метри на аргентинските планини, и експерименталниот „Да бев истата зима“ на Јасмин Лопез во кој група уметници рекреира дела од Годар и од скулпторката Ана Мендиета.
Вон главната конкуренција за Тигар, а во една од селекциите за награди наречена Голем екран, најпопуларен досега е „Перфектно нормално семејство“ на данската режисерка Малоу Рејман. Филмот е за тоа како едно семејство се справува со одлуката на таткото да го смени полот и да стане жена, а видено низ перспективата на 11-годишната ќерка. Рејман вели дека тргнала од личното искуство – и нејзиниот татко станал жена кога таа имала 11 години.
„Но ова не е филм за промена на полот, туку за семејство кое минува низ огромна промена. Затоа и ја оставив прикаската да се случува во 1990-те, кога промената на полот не беше толку обичен настан како што е сега, тогаш тоа беше во најмала рака чудно“, вели Рејман.
Кој ќе го освои Тигарот ќе се знае в петок, а дотогаш утре следи и најголемиот настан на фестивалот, мастеркласот на Бонг Јон-хо и премиерата на црно-белата верзија на „Паразит“ за кој доби 6 номинации за Оскар, меѓу кои за најдобар филм и најдобар режисер.
„Решен сум да го исцедам и последниот атом забава на фестивалот во овие последни денови од мојот мандат“, вели директорот Беро Бејер, кој од следниот месец ќе го води Холандскиот филмски фонд, а неговото место во Ротердам ќе го преземе хрватската продуцентка Вања Калуѓерчиќ. Ротердамскиот фестивал е голема институција и затоа тешко дека ќе се случат големи промени со новата директорка, но секако дека филмскиот свет со внимание ќе следи каков ќе биде нејзиниот личен печат врз најголемиот фестивал за независни филмови во светот и како тоа ќе ја засегне селекцијата.