МАЈКА МУ НА БОКИ КУПУВАШЕ ВО МИЛАНО, ЈАС Ѝ ГО ДАДОВ МОЈОТ ПАСОШ ЗА ПОВРАТ НА ДАНОК, СВЕДОЧЕШЕ АПЕЛАЦИОНАТА СУДИЈКА МЕРИ ДИКА НА „РЕКЕТ“

    МАЈКА МУ НА БОКИ КУПУВАШЕ ВО МИЛАНО, ЈАС Ѝ ГО ДАДОВ МОЈОТ ПАСОШ ЗА ПОВРАТ НА ДАНОК, СВЕДОЧЕШЕ АПЕЛАЦИОНАТА СУДИЈКА МЕРИ ДИКА НА „РЕКЕТ“Апелационата судијка Мери Дика- Георгиевска сведочеше денеска на „Рекет“ (Фото: К. Попов)

    Судијката Мери Дика – Георгиевска од Апелациониот суд Скопје, кума на обвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13, прва денеска сведочи во предметот „Рекет“, како сведок на Обвинителството, кое го докажува перењето на дел од тие милион ипол евра кои пријавителот Орце Камчев тврди дека му ги дал на Јовановски.

    „Јас сум 50 години пријателка со мајката на Бојан. Се гледавме со него, секако. По враќањето од Белград знам дека се занимаваше со проекти за социјално загрозени лица. Од мои сознанија, средствата биле од проекти. Знаете човек до каде може да прашува“, одговараше судијката Мери Дика.

    „Дали знаете како го купил возилото?“, праша обвинителката Гордана Смаќоска.

    Тука приговараше адвокатот на Јовановски на начинот на кои обвинителката поставува директни прашања, зашто никаде претходно таа не праша дали купил возило.

    Прашањето беше преформулирано и одговорено дека колата била на лизинг.

    На прашање, апелационата судијка потврди дека зимата 2018 година заминале со кола за Милано таа, Бојан, мајка му и возачот. Синот, рече таа, 5 години ми живее во Милано.

    „Што купуваше Бојан?“, праша обвинителката.

    „Не знам, со мајка му бев“, одговори таа.

    „Вашиот пасош е приложен за враќање средства со такс фри?“, ја потсети Дика обвинителката.

    „Да, мајка му купуваше, јас ѝ го дадов мојот пасош за податоци за такс фри. Не беа тоа големи суми“, рече Дика.

    За семејството Јовановски, рече дека е средноимотно, просечно семејство.

    Сестрата на судијката, Агапи Дика, беше претседател на Меѓународниот сојуз и таа беше повикана како сведок во вториот дел на „Рекет“, за Меѓународниот сојуз, каде на друг милион евра земен од бизнисмени, му се губи трагата.

    На прашање на Јовановски, Дика – Георгиевска потврди дека и одмори и патувања имале со Бојан и неговото семејство, бидејќи биле блиски.

    По ова сведочење, од кое не се утврди како перел пари Јовановски, пред судот застана да сведочи шефицата на кабинет на Катица Јанева, Сања Димовска.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира