Не е зголемен бројот на патници во автобусите на ЈСП „Скопје“ откако беше воведен бесплатниот превоз како мерка против аерозагадувањето. Од ЈСП велат дека немаат точни податоци, но според ситуацијата на терен ретко кој се одлучил да користи јавен превоз наместо автомобил.
„Не располагаме со точен број на патници кои ја искористија можноста за бесплатен јавен превоз, со оглед на тоа дека бројот на патници го евидентираме по валидации со ‘Скопска’, а во случајов, патниците не се валидираа. Но, од увидот на терен и по кажувањето на возачите, бројката на превезени патници во режимот на бесплатен превоз е незначителна“, велат од ЈСП „Скопје“.
Еден ден бесплатен превоз го чини претпријатието 7,3 милиони денари.
Оваа сезона бесплатен превоз беше воведен во понеделникот и траеше ден и половина, откако денеска на пладне беше укинат поради намалување на загадувањето.
А. АНТЕВСКА