ТИМ НА УНЕСКО ДОЈДЕ ВО ОХРИД ВО ИНСПЕКЦИЈА ШТО НАПРАВИ ГРАДОТ СО ДИВОГРАДБИТЕ

    ТИМ НА УНЕСКО ДОЈДЕ ВО ОХРИД ВО ИНСПЕКЦИЈА ШТО НАПРАВИ ГРАДОТ СО ДИВОГРАДБИТЕОхрид сè уште е град на УНЕСКО, но со регистрирани 1.097 дивоградби, од кои 409 се во заштитениот појас на Езерото, се најде на листата на светско наследство во опасност што го доведува во прашање статусот – град на УНЕСКО. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Тричлена мисија на УНЕСКО од вчера е во посета на Охрид. Денес тие имале средба со градоначалникот Константин Георгиески, а се сретнале и со претставници на невладиниот сектор кој изразува незадоволство од спроведувањето на заклучоците на Комитетот на УНЕСКО кој имаше седница на 5 јуни минатата година.

    Засега нема конкретни информации какви ќе бидат заклучоците на мисијата на УНЕСКО, бидејќи во текот на денот тие треба да направат мониторинг на состојбите на охридско-струшкиот брег.

    Охрид сè уште е град на УНЕСКО, но со регистрирани 1.097 дивоградби, од кои 409 се во заштитениот појас на езерото, се најде на листата на светско наследство во опасност што го доведува во прашање статусот – град на УНЕСКО. Откако Комитетот на УНЕСКО на седницата одржана на 5 јуни во Баку, Азербејџан ѝ даде рок на општина Охрид до февруари годинава да ги урне дивоградбите и да прогласи мораториум на секакви урбани трансформации, беше усвоен Акциски план за постапување по препораките.

    Лани во ноември, на терен се забележа отстранување само на дивите платформи на кафулињата кои се изградени во езерото.

    Регистарот на бесправно изградени објекти во заштитеното подрачје на Езерото, покажува дека во Охрид со години се градело на диво. Нелегално никнувале секакви објекти – од хотели, семејни куќи, викендички, па до настрешници, скалила и огради. Од 409 дивоградби во линија од 50 метри од Езерото, 15 се хотели или делови од хотелски комплекси кои се граделе, уредувале, адаптирале или надградувале без одобрение за градба од Општината. Во заштитениот појас на брегот дигнати се и 37 викендички, семејни и индивидуални куќи и 14 згради со станови. Останатите дивоградби во заштитеното подрачје се настрешници, гаражи, тераси, скали, бетонски ѕидови, огради, прозорци.

    Терасите на кафулињата и шанковите на плажите се најбројни во листата на дивоградби и издадени решенија за уривање. Во Регистарот има 191 објекти кои нелегално поставиле урбана опрема, почнувајќи од центарот на градот и кејот, па долж плажите сè до Свети Наум. Во делот на урбана опрема влегуваат летни тераси кои станале затворени објекти, шанкови на плажите кои прераснале во објекти и платформите изградени во езерото.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира