ЖИВОТОТ НА ВИКТОР АЌИМОВИЌ, ТЕТОВСКИОТ РЕВОЛУЦИОНЕР, НОВИНАР, СНИМАТЕЛ, ШПИОН, Е ЕНИГМА И 33 ГОДИНИ ПО НЕГОВАТА СМРТ

„Интересен е и податокот дека меѓу 20.000 досиеја предадени од МВР на чување во Државниот архив на Македонија, недостасува предметот за судењето на Виктор Аќимовиќ. Оставштината на Виктор Аќимовиќ денес се чува во два архивски фондови кои го носат неговото име, во Државниот архив и во Кинотеката каде е сместена во 200 архивски кутии. Неговата приватна библиотека од 1.573 книги се наоѓа во седиштето во Преспанско-пелагониската митрополија во Битола“, вели историчарот Бранислав Светозаревиќ.

    ЖИВОТОТ НА ВИКТОР АЌИМОВИЌ, ТЕТОВСКИОТ РЕВОЛУЦИОНЕР, НОВИНАР, СНИМАТЕЛ, ШПИОН, Е ЕНИГМА И 33 ГОДИНИ ПО НЕГОВАТА СМРТАќимовиќ е македонски национален деец, револуционер, разузнувач, режисер, фотограф, филмски критичар, камерман, библиофил, публицист, енигма. Поради неговите антирежимски и комунистички идеи пред и за време на Втората светска војна тој постојано бил следен и затворан од властите. (Архивска фотографија)

    Тетовецот Виктор Аќимовиќ сигурно спаѓа меѓу најконтроверзните личности родени во Македонија. Неговиот живот и многустрана дејност и до ден денес, 33 години после неговата смрт, се речиси непознати како за многумина тетовци така и за пошироката јавност во земјава.

    За Аќимовиќ историчарот д-р Бранислав Светозаревиќ ќе каже дека е македонски национален деец, револуционер, разузнувач, режисер, фотограф, филмски критичар, камерман, библиофил, публицист, енигма.

    „Виктор Аќимовиќ е личност која спаѓа во онаа малубројна група луѓе кои се издвојуваат со своите политички погледи и која оставила белег во времето во кое живеела и творела. Неговото потекло како и статусот на неговото семејство воопшто не го навестувало неговиот натамошен живот. Неговиот прадедо, неговиот дедо и други роднини работеле како учители во Тетово и биле пропагатори на српската пропаганда во Македонија. Затоа слободно може да се каже дека Аќимовиќ, по своите национални и политички убедувања, е всушност суштинска спротивност на неговото, како се велело во тоа време, истакнато ‘српско семејство’“, вели историчарот д-р Светозаревиќ кој во 2007 магистрираше на темата „Историските и архивистичките аспекти на фондот ‘Виктор Аќимовиќ’“, а минатата година ја издаде книгата „Тивкиот фронт на Виктор Аќимовиќ“.

    Во младешките години Виктор важел за мошне бистро дете, интелигентен, зборлив, активно се занимавал со скијање, фотографија, извидништво, новинарство, читал напредна литература, се интересирал за револуцијата и за се она што се случувало во државата и за секое прашање си имал „своја филозофија“. (Архивска фотографија)

    Роден е 1915 во Тетово. Татко му Лазар првин бил моден кројач, а потоа државен чиновник. Мајка му Параскева била родум од Прилеп. Во младешките години Виктор важел за мошне бистро дете, интелигентен, зборлив, активно се занимавал со скијање, фотографија, извидништво, новинарство, читал напредна литература, се интересирал за револуцијата и за сè она што се случувало во државата и за секое прашање си имал „своја филозофија“. Поради проблемите со власта Виктор бил исклучен од тетовската гимназија , па средното училиште го завршува во Крижевци, Хрватска, но и таму не мирувал па бил казнет во 14 дена затвор и отпуштен од училиштето поради „ширење комунизам“ и присилно бил вратен во Тетово каде почнал да пишува во локалниот весник од Тетово „Глас Полога“.

    Во ноември 1934, на 19 години, тој почнал да издава свој весник „Тетовске новине“, каде и понатаму остро ја критикува власта, па во февруари 1935 забранет е и запленет последниот десети број од весникот. Поради неговите антирежимски и комунистички идеи тој постојано бил следен од властите. Во тој период Аќимовиќ освен новинарски записи, социјалната тематика почнал да ја третира и во песните кои почнал да ги пишува на македонски јазик на тетовско наречје.

    Како член на „Читалната на тетовската младина“ организирал и промоции на делата на Кочо Рацин и Антон Панов. Во 1937 Виктор се запознал и се вљубил во атрактивната глумица Милена Година од Марибор, Словенија, која тогаш глумела во скопскиот Народен театар. Во 1938, Милена преминала во православна вера и во Бања Лука се омажила за Виктор. Од овој брак Виктор има две деца, ќерката Виринеја и синот Карпо, кој името го добил по Карпош. Но нивниот заеднички живот не бил ниту малку лесен. Аќимовиќ во 1939, преку неговиот весник ,,Јужна Стварност“, објавил отворено писмо до српскиот академик Никола Вулиќ, во кое го критикува академикот за едно негово предавање во Белград со крајно негаторски ставови против Македонија и македонскиот народ. Во декември 1939, Виктор бил уапсен и однесен и испитуван во затворот во Белград каде бил задржан 45 денови. Откако бил пуштен се вратил во Тетово, но веднаш бил интерниран во концентрациониот логор во Билеќа, а од таму, во јануари 1941, бил префрлен во концентрациониот логор во Ивањица.

    „Според сеќавањата на Виктор Аќимовиќ, таму бил сместен во таканаречената ‘Македонска соба’, во која биле затвореници претежно од Македонија. Но тоа не му ги ублажило маките на Виктор, напротив, како што подоцна велел, тој повеќе маки видел од затворениците отколку од тие што го ставиле во затвор. Тука заедно со неговите блиски пријатели Кочо Рацин и Методија Лепавцев биле физички напаѓани, невредувани и понижувани од групата собрана околу Страхил Гигов и Боро Чушкар кои по ослободувањето од фашизмот, ќе завземаат високи функции во новата македонска власт“, вели Светозаревиќ.

    Виктор Аќимовиќ како партизан во 1944 година. (Архивска фотографија)

    Поради ваквите активности на Виктор, Милена ќе ја загуби работата во театарот и ќе мора да замине за Марибор каде набрзо заминува и Виктор. Тој ни таму не мирува па почнал да го уредува и печати весникот „Јужна стварност“, каде објавувал написи и критики за состојбите во Македонија и за македонското национално прашање. Ове не останало незабележано од тогашните власти, па Виктор и Милена морале да заминат за Тетово. Во почетокот на 1941, по издржувањето на затворската казна бил мобилизиран во војска, а по нападот на Југославија од Германија и по капитулацијата на југословенската војска тој се враќа во Тетово кај семејството, па се вработува во Железничката станица во Скопје, поради што набрзо во Скопје се преселила и неговата сопруга Милена и ќерката Виринеја.

    „Но, револуционерниот дух на Виктор Аќимовиќ и натаму е присутен. Набрзо се поврзал со активисти на Комунистичката партија на Југославија и интензивно работел на подготовките за кревање на востание. Во тој период воспоставил и силни контакти со Работничката партија на Бугарија, каде преку Љубомир Пентиев почнал да работоти за НКВД, разузнавачката служба на СССР каде бил задолжен за секторот Македонија – Албанија – Грција. Сѐ уште не е познато како дошло до вклучување на Виктор во работата на НКВД, но тој самиот подоцна потврдува дека работел за оваа служба. Во една негова тужба од 1975 во врска со признавањето на стаж околу неговото учество во антифашистичката војна 1941-1944, тој наведува дека во тој период како припадник на вооружените формации на СССР работел на ‘специјални задачи од воено-известителен карактер’. Според кажувањето на еден негов пријател, Виктор му се доверил дека во исто време работел и за МИ-6 британската известителна служба, а заради добивање информации имал и некакви врски со бугарските и германските фашистички власти во Скопје“, вели Светозаревиќ.

    За неговата разузнавачка односно шпионска активност во нашите архиви нема речиси никаква документација, но можно е таа да постои во досиејата на југословенските, руските, бугарските, па дури и британските разузнавачки служби. За време на окупацијата, Виктор активно работи и го помага партизанското движење. Најмалку познат период е неговата дејност од почетокот на 1942 до летото 1944 година. Имено, тој кон крајот на 1941 бил осуден на две години затвор во отсуство, од страна на италијанскиот воен трибунал. Во септември 1944, се приклучил кон Главниот штаб на НОВ и ПОМ и е еден од првите фоторепортери и фотодокументаристи. Дава придонес и при создавањето на весникот „Нова Македонија“ во Горно Врановци. Во овој период создава голем број фотографии кои се од посебен значење за нашата историја. Но, и покрај неговата активност, тој набрзо паѓа во голема немилост од високиот офицер на ОЗНА Боро Чушкар, од кого е осомничен и уапсен за непријателска дејност против македонскиот народ, па дури се нашол и пред извршување на смртна казна со стрелање, од која се спасил во последен момент како по некое филмско сценарио.

    По војната, како дописник на неколку весници фотографира значајни настани и личности, митинзи и моменти од изградбата и обновата на земјата и пишува прилози за нив. Во периодот 1945-1946, работел како дописник за Македонија за весникот „Политика“ во Белград и за белградското радио, а пишувал и за весници во Загреб и Љубљана каде објавува текстови за геноцидот врз Македонците во Егејска Македонија од монархофашистичките вооружени сили на Грција. Но, секаде каде што работел ја губел работата поради прогонувањето од истите личности од кои имал проблем уште од 1939 година.

    „Така, прогонуван и понижуван без работа, есента 1948 повторно се поврзува со Љубомир Пентиев кој сега бара Виктор да работи за Информбирото, а против ФНР Југославија. Иако овој контакт го пријавил на југословенските власти и побарал од нив инструкции што да прави понатаму, тие го оставиле без одговор и чекале да згреши. Истата година, Виктор бил уапсен откако се обидел илегално да ја помине југословенско-унгарската граница, за што во 1950 бил осуден на 4 години затвор. Казната ја издржувал во затворите во Битола и во Идризово каде се запознал и со Павел Шатев. Сето ова се одразило и врз неговото семејство. Милена, кој до тогаш била првенка на Македонскиот народен театар добила отказ и морала со децата Виринеја и Карпо, кој се родил 1943, да замине во Марибор, а потоа и таа била уапсена и испрашувана за својот маж“, вели д-р Светозаревиќ.

    Аќимовиќ со сопругата Милена и синот Карпо во 1959 година. (Архивска фотографија)

    По издржувањето на казната, посебно во 1960-те и 1970-те, Аќимовиќ се посветува на филмското творештво и фотографијата. Во Кинотеката во фондот „Виктор Аќимовиќ“ се чуваат околу 100 награди, плакети, признанија и дипломи од учеството на многу републички, сојузни и меѓународни фестивали и изложби. Врвот на своето творештво го достигнува со кратките играни и документарни филмови со кои ги освојува бронзената плакета на фестивалот во Луксембург, среброто на Канскиот фестивал и Гран при во Краков. Тогаш тој се смета за еден од најпочитуваните сниматели во Македонија и тогашна Југославија. Поради неговите резултати, често е повикуван како член на жири на југословенските и регионални фестивали, но најмногу во 1970-те и 1980-те години на минатиот век се истакнал како филмски критичар. Виктор Аќимовиќ се занимава со пасионирано собирање книги и создал своја библиотека која броела околу 5.000 книги, а собирал и разни оригинални документи кои ги предал на Историскиот архив во Тетово.

    „Аќимовиќ останал доследен на себеси и својата идеологија, па и понатаму бил во судир со актуелната власт при што се издвојува неговата остра преписка и реакција на објавени дела од тогашните моќници Боро Чушкар и Страхил Гигов со чие однесување тој добро се запознал во логорот во Ивањица. Главната животна проеокупација на Виктор Аќимовиќ е вистината за Македонија. Тој е приврзаник кон идеите на комунизмот, но не и кон комунистичкиот режим и партија. Интересен е и податокот дека меѓу 20.000 досиеја предадени од МВР на чување во Државниот архив на Македонија, недостасува предметот за судењето на Виктор Аќимовиќ. Оставштината на Виктор Аќимовиќ денес се чува во два архивски фондови кои го носат неговото име, во Државниот архив и во Кинотеката каде е сместена во 200 архивски кутии. Неговата приватна библиотека од 1.573 книги се наоѓа во седиштето во Преспанско-Пелагониската митрополија во Битола. Виктор Аќимовиќ починал во 1987, во неговиот стан во Скопје. Телото му било пронајдено три дена по неговата смрт, а до неговото тело било само неговото верно куче Калвик“, вели д-р Светозаревиќ.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира