Снег нема или брзо се топи во ски центарот „Нижеполе“ на Пелистер, како последица на глобалното затоплување. Од Јавното претпријатие „Стрежево“ кое стопанисува со овој центар, велат дека околу 15 сантиметри е вкупната снежна покривка која се создаде оваа сезона 2019/2020 на скијалиштето. Тоа е драстично намалување, ако се земе в предвид дека минатата сезона висината на вкупната снежна прекривка беше околу 2,5 метри, а преклани 70 сантиметри.
„Поради недоволна снежна покривка, за жал оваа сезона досега немаше ноќно скијање. Минатата сезона реализиравме вкупно 37 ноќни скијања. Според временската прогноза, за наредните денови не се очекуваат пообилни врнежи од снег за да ја поправат оваа ‘нескијачка’ слика“, вели директорот на ЈП „Стрежево“ Менде Граматковски.
Тој додава дека причините за актуелната состојба се комплексни, се должат на глобални климатски промени и неповолна хидролошка година, една од најлошите во изминатите децении.
Од Јавното претпријатие „Стрежево“ велат дека се превземаат чекори за поефикасно справување со климатските промени. Заради збогатување и подобрување на вкупната туристичка понуда на Пелистер, потребна е продолжена сезона за скијање, па ја почнаа процедурата за подготовка на физибилити студија за вештачки снег. Со тоа очекуваат да се оствари сонот на битолчани – скијачка сезона од декември до март.
„Физибилити студијата ќе даде одговор на многу прашања и ќе ни даде натамошни насоки како да ја реализираме оваа наша децениска желба. Реализацијата на проектот ќе опфати повеќе фази, и тоа изработка на проектно-техничка документација, набавка на трафостаница со поголем капацитет, изградба на базени, опрема за производство на вештачки снег“, вели Граматковски.
Средства ќе вложат од сопствени извори, а дел планираат да обезбедат од локалната самоуправа и владини институции. Овој проект е еден од најголемите потфати во историјата на претпријатието кој ќе придонесе за развојот на планинскиот туризам во Битола, регионален развој и промоција на земјата.
Ж. ЗДРАВКОВСКА