Родителите чие деца посетуваат целодневна настава во основните училишта во општина Аеродром ќе мора да ја платат новата цена на оброкот од 1.990 денари. Општината потоа ќе им враќа по 500 денари месечно како субвенција бидејќи од оваа година цената за двата оброци кои ги добиваат децата во училиштата е поскапа.
Откако со дoцнење од десет дена беше избрана фирма која ќе ги снабдува училиштата во Аеродром со оброци, денеска родителите добиле известување на која жиро-сметка треба да ги уплатат парите, а цената е 1.990 денари.
Градоначалникот Златко Марин минатата недела кажа дека Општина Аеродром ќе ја субвенционира разликата од 500 денари и во буџетот за 2020 година се предвидени средства за оваа намена. Марин денеска ни изјави дека родителите ќе ги добијат назад парите односно Општината ќе им ги исплаќа како месечни субвенции.
„Како што реков така ќе биде, оброкот и оваа година ќе биде 1.500 денари. Родителите ќе мора да платат 1.990 денари месечно, а потоа ќе им се враќа по 500 денари бидејќи законски не постои можност Општината да дава субвенција на фирмата туку мора дирекно на граѓаните. Јас наложив на сите директори преку класните наставници да им објаснат на родителите на кој начин ќе се субвенционира оброкот, за да не дојде до забуни. За два-три дена во секое училиште на огласна табла ќе известиме како ќе оди постапката за враќање на средствата за оброк“, вели градоначалникот Златко Марин.
А. АНТЕВСКА