51-годишна жена како сурогат мајка роди две близначиња за нејзината ќерка, во болницата „Плодност“ во Битола. Ова е најстарата сурогат мајка во земјава, која се нафати на ваквиот ризик зашто на ќерка ѝ поради болест уште на 16-годишна возраст ѝ била извадена матката и не можеше да остане бремена.
„Во болницата сме имале 52-годишна родилка со близнаци, 49-годишна жена со донор јајце клетка, но ова дефинитивно е највозрасната сурогат мајка во земјава, херој мајка“, велат од „Плодност“.
Реткото сурогат мајчинство го овозможи тимот за ин витро фертилизација (ИВФ) предводен од прим. Д-р Таше Трпчевски, со д-р Христијан Трпчевски, ембриолозите Николче Огненовски, Горан Стефановски и Стеван Матиќ и медицинските сестри Снешка Димитровиќ и Анета Дамчевска.
Од болницата не откриваат од каде е мајката, зашто нејзиното семејство не сака да се појавува во јавност.
„Тежината на случајот е голема, не само поради возраста на мајката, која има 51 година, туку и поради жртвата што таа ја направи за нејзината ќерка сакајќи да ѝ овозможи да биде мајка. Сурогат мајката беше во менопауза и се исложи на сите ризици, носеше близнаци, само за да ѝ помогне на ќерката“, вели прим. д-р Таше Трпчевски, директор на болницата „Плодност“.
Мајката веќе три години била во менопауза. Неа, тимот на болница „Плодност“ најпрво ѝ го вратил месечниот циклус, а потоа преку ин витро постапка биле оплодени јајце клетки од нејзината ќерка со клетки од сопругот на девојката. 51-годишната жена беше само носител на гестациската старост на бебињата. Во текот на бременоста таа немаше проблеми, а во 37-мата недела со бебињата беа родени со селективен царски рез.
Ж. ЗДРАВКОВСКА