Бројката од 8.922 гласачи кои го потврдиле своето право на глас од вкупно 39.502 спорни записи не е конечна и таа ќе расте, бидејќи оние кои не успеале да се пријават во Државната изборна комисија (ДИК) до вчера, ќе може да го сторат тоа по распишување на предвремените избори.
“По распишување на предвремените парламентарни избори, ДИК ќе го стави 15 дена на јавен увид Избирачкиот список, сосе издвоените спорни записи од 39.502 лица, кои до вчера беа предмет на проверка. Како и сите останати глаѓани со право на глас, така и се уште непријавените гласачи меѓу преостанатите 30.580 спорни, ќе може да се пријават електронски или во подрачните единици на Комисијата. Значи, до јавниот увид, т.е. додека Избирачкиот список не биде затворен, ние не знаеме колку од овие 39.502 лица имаат гласачко право“, велат од ДИК за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Овие 8.922 лица кои се пријавија во ДИК во изминатите денови и кои го потврдија правото на глас, се веќе запишани во Избирачкиот список. Новите што ќе се пријават за време на јавниот увид, исто така ќе бидат запишани. По заклучувањето на Избирачкиот список, непријавените сомнителни гласачи, согласно дадената законска можност, остануваат надвор од Списокот.
Од денеска тече рокот од 10 дена во кој ќе може најмалку три члена од ДИК, во случај некој од членовите на ДИК да се посомнева во манипулации на пријавени по електронски пат, да го допроверат идентитетот и личните податоци, преку скајп – видео врска.
Во вторник ДИК треба да го усвои извештајот за пријавените гласачи од вкупно сомнителните 39.502 гласача.