КАМЧЕВИ САКАА ОРЦЕ ДА ИЗЛЕЗЕ ОД ПРИТВОР ЗА КУЌНА СЛАВА И МЕ БАРАА ЗА АДВОКАТ ЗА ДА ЈА ИЗЗЕМАТ СЕСТРА МИ ОД „ИМПЕРИЈА“, СВЕДОЧЕШЕ ДИМИШКОВ

    КАМЧЕВИ САКАА ОРЦЕ ДА ИЗЛЕЗЕ ОД ПРИТВОР ЗА КУЌНА СЛАВА И МЕ БАРАА ЗА АДВОКАТ ЗА ДА ЈА ИЗЗЕМАТ СЕСТРА МИ ОД „ИМПЕРИЈА“, СВЕДОЧЕШЕ ДИМИШКОВВесна Димишкова, сестра на сведокот Васил Димишков, сѐ уште е судијка на претходна постапка во „Империја“ и не му го враќа пасошот на осомничениот Орце Камчев. - Орце Камчев; Васил Димишков; Ана Камчева (Фото: К. Попов)

    Пред Кривичниот суд денеска на судењето за „Рекет“ сведочеше Васил Димишков, брат на судијата на претходна постапка Весна Димишкова, која му одреди притвор на осомничениот во „Империја“ Орце Камчев, а за кого тој и сопругата Ана сведочеа дека наводно ги рекетирал за да им помогне преку сестра му.

    Димишков, кој беше повикан како сведок на одбраната, кажа сосема обратна ситуација, дека Камчев првин преку Зоран Милевски, а потоа и преку сопругата Ана Камчева, инсистирале да го ангажираат како бранител, за неговата сестра автоматски да биде изземена од „Империја“.

    Димишков бил правен застапник на „Стопанска банка Битола“ и со Владимир Ефтимовски, директор во банката, летото 2018 година контактирале неколку пати.

    „Бев ангажиран од банката како нивни правен застапник. Летото 2018 година банката имаше поголем предмет за измама од клиент кој не враќаше кредит. Се подготвувавме да поднесеме кривична пријава. Ефтимовски ми рече дека и Камчев сакал да се види со мене за овој предмет и оти инсистирал. Реков во ред. Ми кажа да појдам во канцеларијата на Камчев во комплексот на ‘Систина’. Дотогаш не сум бил кај Камчев. Кога отидов кај него, го извади неговиот телефон, ми покажа фотографии од документи. Видов наредба со потпис на судијата Весна Димишкова, мојата сестра, која е судија на претходна постапка во Основниот суд Скопје“, одговараше Димишков на директни прашања на одбраната.

    „Зошто ми го покажувате ова?“, Васил го прашал Орце.

    „Јас имам неколку адвокати, сакам и тебе да те вклучам, ми кажа Камчев. Му реков да ми каже што точно сака од мене, што треба да работам и ако прифатам, колкава би била наградата. Ми кажа да размисли, за неколку дена ќе ме бара“ сведочи адвокатот Димишков.

    Ниту Камчев се јавил повеќе, ниту нешто кажал до денеска, рече сведокот.

    „Во меѓувреме Камчев беше и притворен. По определување на притворот, ми се јавуваа роднини, пријатели мои, кои ми кажуваа дека се блиски со Камчев, ако може нешто да се помогне. Им кажав не може. Меѓу нив беше и Зоран Милевски. На повеќе средби бараше од мене да му бидам бранител, зборувавме и за наградата. При една средба дојде и госпоѓа Ана Камчева, сопругата на Орце Камчев. Ми рече сакаат да го зголемат тимот адвокати, да ангажираат вешти лица, дека ме планираат и мене. Зборевме за притворот. Им кажав тоа што го бараат од мене, не може да се оствари, роковите се мали. Инсистираа да излезе од притвор за куќна слава. Колешката Камчева ме сфати и се согласи дека тоа што го бараат од мене, не е можно“, одговараше Димишков.

    Таа средба завршила со заклучок сведокот, како што тврди, сепак да направи пресметки за неговиот ангажман колку би чинел.

    „По некој ден, кога направив анализа, им ги видов намерите. Може не сум бил во право, но сметав дека сакаат да ме ангажираат за бранител за да ме искористат, за мојата сестра по сила на законот да биде изземена од предметот ‘Империја’ како судија на претходна постапка“, рече во сведочењето братот на Димишкова.

    „Затоа на Милевски, кој дојде да ме праша за сума, му кажав многу висока, која знаев дека за нив нема да биде прифатлива. Така испадна, откако му ја кажав на Милевски сумата, никогаш повеќе не се јавија“, тврди сведокот, чија сестра сѐ уште е судијка на претходна постапка во „Империја“ и не му го враќа пасошот.

    Димишков бил ангажиран и како адвокат на „Меѓународен сојуз“. Се познава со обвинетиот во „Рекет“ Бојан Јовановски – Боки 13, кој го ангажирал како правен советник. Го консултирал повремено по потреба, а потоа кога се отворила „1ТВ“ и за блокирање на тамошни сметки, за извршување и слично.

    „Дали некогаш пред вас Јовановски го спомнал СЈО, или името Катица Јанева?“, беше прашан Димишков.

    „Не, никогаш“, одговори сведокот.

    На вкрстено прашање на обвинителката Вилма Рускоска зошто на средбата со Камчева за проширување на тимот, Димишков не појаснил дека ако прифати одбрана во „Империја“, неговата сестра Весна Димишкова по сила на закон ќе биде изземена од тој предмет, сведокот Васил Димишков одговори дека не го сторил тоа, бидејќи тоа што таа била потпишана на наредба против него, не значи дека таа со сигурност ќе остане судија на претходна во тој предмет.

    Обвинителката Вилма Русковска му забележа дека е контрадикторен во однос на тоа што претходно го кажа, дека сакале да го искористат за изземање на сестра му.

    „Обвинителке, добро знаеме како се формира предмет, не е во ред правно да полемизираме тука“, кажа Димишков.

    Сведочењето заврши, за наредните рочишта ќе бидат повикани Цветан Панделески, Владимир Тодоровиќ и други.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира