Роже Федерер ќе го пропушти четвртиот Ролан Гарос во последните пет години, откако вчера го оперираше десното колено во Швајцарија.
„Ова колено ми правеше проблеми подолго време. Лекарите се убедени дека целосно ќе заздравам и ми кажаа дека тоа беше исправен потег. Се гледаме на Вимблдон“, изјави 38-годишниот Федерер.
Освен Ролан Гарос, што се игра од 24 мај до 7 јуни, Федерер ќе ги пропушти и турнирите во Дубаи, Индијан Велс, Богота и Мајами.
Тој лани стигна до полуфиналето на Ролан Гарос, што му беше прв настап во Париз од 2015 година. Доколку Надал по 13. пат триумфира на Ролан Гарос, ќе го израмни рекордот на Федерер од 20 освоени гренд слем титули.