Популарниот пејач на народна музика Ѓорѓи Желчески почина во Белград на 82 години. Тој се прослави како дел од дуото Селимова-Желчески, откако во текот на долгогодишната кариера најчесто настапуваше заедно со својата сопруга Кевсер Селимова.
Желчески е роден во Прилеп во 1938 година, но најголемиот дел од животот го поминал во Белград.
Идната сопруга Кевсер Селимова, која потекнува од Ресен, ја запознал на концерт во Титово Ужице во 1959 година, а музичкото партнерство го почнале две години подоцна. Ова на Желчески му отворило врати за нови ангажмани во Белград, каде што потоа и се преселил.
Желчески и Селимова беа еден од најпознатите музички тандеми во поранешна Југославија, се венчаа во 1978 по 18 години врска, а во бракот ја добија и ќерката Ана.
Во 2013 година, во Домот на АРМ во Скопје одржаа концерт по повод 50 години заедничко творештво, а три години подоцна добија и Златна Бубамара за животно дело.