Харви Вајнстин, еден од најмоќните луѓе во Холивуд, е прогласен за виновен во случајот на сексуален напад што пред две и пол години го покрена движењето #MeToo.
Пресудата уследи по неколку недели вознемирувачки и експлицитни сведочења на неговите обвинувачки, кои раскажуваа како тој ги силувал, принудувал на орален секс, фаќал и мастурбирал пред нив.
Шеесет и седумгодишниот Вајнстин, за чие предаторско однесување во Холивуд се знаело со години, но се молчело, е прогласен за виновен по две обвиненија: силување од трет степен и криминален сексуален чин од прв степен. Сепак, тој е ослободен за најсериозните обвинувања: предаторски сексуален напад и силување од прв степен.
Тој допрва треба да се соочи со обвинувањата за силување и сексуален напад врз две жени во 2013 година.
Меѓу оние кои сведочеа беа и продуцентката Мими Хејли и актерката Анабела Скиора, која се прослави во серијата „Сопранови“. Самиот Вајнстин не сведочеше, додека неговите адвокати тврдеа дека секој сексуален контакт за кој го обвинуваат бил со одобрение.