Вдовицата на Коби Брајант покрена тужба против сопственикот и операторот на хеликоптерот во чие уривање на 26 јануари загинаа кошаркарската легенда, нивната 13-годишна ќерка и уште седум лица.
Во тужбата, Ванеса Брајант вели дека пилотот бил невнимателен и несовесен што летал во облачни и магливи услови, додавајќи дека требало да го откаже летот.
Таа ја поднесе тужбата вчера, кога во Лос Анџелес се одржа јавна комеморација во чест на Коби Брајант.
Освен двете компании кои биле одговорни за хеликоптерот, Ванеса Брајант го тужи и претставникот или наследникот на пилотот Ара Зобајан, кој исто така загина во несреќата. Таа вели дека тој постапил несовесно на осум начини, вклучувајќи неможност да ги процени временските прилики, летање во услови за какви што немал дозвола и неможност да го контролира хеликоптерот.
„Ова е доста чудно, не знам каква ќе биде стратегијата“, изјави адвокатот Роберт Хаџек.
Зобајан, кој редовно го возел Брајант, се обидел да лета при намалена видливост, во услови кога и полицијата на Лос Анџелес ги имала приземјено сите свои хеликоптери.