Српските ватерполисти го освоија златниот медал на Игрите во Рио, комплетирајќи ја колекцијата со трофеи, бидејќи по европските и светските титули им недостасуваше само олимписки триумф. Ноќеска на Олимпијадата, покрај ватерполистите, кои славеа со 11:7 во финалето против Хрватска, српските одбојкарки освоија сребро, а кошаркарките бронза, со што Србија стигна до бројката од седум медали во Рио. Обезбеден е и осмиот медал, но дали ќе биде златен или сребрен, ќе се знае по финалето на машкиот кошаркарскиот турнир, каде Србија вечерва игра со САД.
Традиционално, српските шампиони се дочекуваат на балконот на градското собрание во Белград.
„Сигурно ќе има дочек, традиција на Белград е да имаме дочек на шампионите од големите натпреварувања. Подготвени сме да ги дочекаме олимпијците, тука им е местото“, изјави градскиот менаџер Горан Весиќ за „Танјуг“.
Претходно, злато освои борачот Давор Штепанек, сребро освоија Тијана Спаховиќ во теквондо и кајакарската двојка Марко Томичевиќ и Миленко Зориќ, а бронза освои атлетичарката Иван Шпаховиќ. За борачот Штепанек, веќе се одржа шампионски дочек во неговиот роден град Суботица.
Бројката од осум олимписки медали во Рио е рекордна за Србија по осамостојувањето од СФРЈ. Најдобро досега на олимпијадите помина и Хрватска со десет медали, од кои пет златни.
Олимписките игри во Рио завршуваат ноќва со финалните натпревари во кошарка, ракомет, одбојка и бокс, како и маратонската трка, по што ќе се одржи церемонијата на затворање, на која олимпискиот факел ќе биде предаден на организаторот на следните летни олимписки игри, Токио.