Над 200 средношколци од Виница, Кочани, Радовиш и селата од овие општини протестираа на плоштадот Слобода во Штип поради лошиот превоз и најавата дека во иднина ќе плаќаат по 30 денари за превозот и 10 денари за чекирање на билетот.
Посебно се револтирани учениците од кочанско-виничкиот и од радовишкиот крај кои учат во средното медицинско училиште „Јане Сандански“ во Штип.
„Ние учениците од радовишкото село Ораовица и од соседните села кои гравитираат кон Штип сме принудени да тргнуваме за Штип во 5:30 часот, пристигнуваме во 6:30 и потоа чекаме цел час да почне наставата. Нѐ има повеќе од 60 ученици кои секојдевно тргнуваме за Штип рано наутро. Многу пати сме принудени до автобуската станица да користиме такси, а ни најавија дека наместо досегашниот бесплатен превоз, во иднина ќе плаќаме по 30 денари, плус 10 денари за чекирање на билетот“, велат ученици од Радовишко.
На протестот имаше и незадоволни превозници, на кои им било најавено дека се откажуваат нивните услуги затоа што превозот во иднина ќе го вршат само од „Струмица екпрес“ и „Атом Кочани“.
Т. ЈОВАНОВСКИ