ТИ ЛИ СИ ФУКАРАТА ШТО СЕ ОБОГАТИЛА, МУ ВРАТИ РУСКОВСКА НА БОКИ 13, КОГА ТОЈ Ѝ РЕЧЕ ДЕКА Е НЕДОСТОЈНА ДА ГО ЦИТИРА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ

    ТИ ЛИ СИ ФУКАРАТА ШТО СЕ ОБОГАТИЛА, МУ ВРАТИ РУСКОВСКА НА БОКИ 13, КОГА ТОЈ Ѝ РЕЧЕ ДЕКА Е НЕДОСТОЈНА ДА ГО ЦИТИРА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВОд „лажга“, „таканаречена обвинителка“, „овде присутната обвинителка што се дере кога збори“ и други епитети, Јовановски, кој тврди дека земен рекет од милион ипол евра од бизнисменот Орце Камчев имало само во главата на Русковска, денеска кажа пред судот дека таа била недостојна да го цитира Гоце Делчев. - Вилма Русковска; Бојан Јовановски (Фото: СДК.МК)

    Тензијата меѓу обвинетиот за рекетирање и перење пари Бојан Јовановски – Боки 13 и обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска со која на секое судење си дофрлуваат и навредливи зборови, кулминираше на денешното рочиште со одлука на судија Васка Николовска – Масевска да го отстрани Јовановски од судница на крајот на рочиштето.

    Од „лажга“, „таканаречена обвинителка“, „овде присутната обвинителка што се дере кога збори“ и други епитети, Јовановски, кој тврди дека земен рекет од милион ипол евра од бизнисменот Орце Камчев имало само во главата на Русковска, денеска кажа пред судот дека таа била недостојна да го цитира Гоце Делчев. А Русковска, не му остана должна.

    Кога побара да му биде укинат притворот, Јовановски кажа:

    „Чесен суде, јас нема да го цитирам Гоце Делчев, како што некои што не се достојни го цитираа. Јас ќе завршам со една мисла од Иво Андриќ: ‘Доаѓаат времиња кога паметниот ќе замолчи, будалата ќе проговори, а фукарата ќе се обогати’,“.

    Русковска на ова искоментира:

    „На себе мислеше кога кажа фукара?!”

    „Срам да ви е!”, ѝ одговори Боки на Вилма, а судијката која стопати досега најавуваше дека или ќе ги казни двајцата, или Јовановски ќе го отстрани од судницата, го отстрани обвинетиот.

    Претходно сведочеше Стојан Арсовски, возачот на Бојан Јовановски. И тој се навреди од Русковска која неколку пати го кажа „шофер“.

    „Сепак возач е одговорна професија и јас се гордеам со тоа и си ја сакам работата“, ѝ кажа сведокот Арсовски на Русковска додека сведочеше, а таа му кажа дека не го наврдила, ниту имала намера.

    Арсовски кажа дека често го возел работодавецот надвор од Македонија, а во една таква прилика, на вечера во Белград со текстопистката Марина Туцаковиќ, нејзиниот сопруг на Бојан Јовановски му дал коверт со пари кој потоа Боки му го дал нему да му го почува. Рече дека бил и во Милано со Боки, мајка му и со нивна блиска пријателка на многу интересни модни настани кога Боки се сликал со еден од првите луѓе на модниот гигант „Версаче“.

    „Многу беше возбудливо за мене, јас првпат гледам такво нешто во животот“, одговараше сведокот повикан од Јовановски, на прашања на неговиот адвокат.

    Интересна беше околноста на прашањето за закрепнувањето на Јовановски од операцијата на желудникот на почетокот на јануари 2019 година. Арсовски тврдеше дека Јовановски од 10 јануари кога дошол дома на постоперативно закрепнување, до 25-ти истиот месец, тој не одел дома, не одел всушност никаде. Закрепнувал дома во населбата Орман и не одел никаде.

    Адвокатот на Јовановски потсети дека сведок тврдеше дека веднаш по излегувањето на нејзиниот сопруг од притвор во куќен притвор пред Нова година, таа се сретнала со Јовановски и во несесер му дала 350.000 евра.

    Судењето продолжува в петок.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира