БОКИ САКАШЕ ОД 130 КИЛОГРАМИ ДА ИМА 70, СВЕДОЧИ ХИРУРГОТ КОЈ МУ ГО СТЕСНИ ЖЕЛУДНИКОТ НА ПРВООБВИНЕТИОТ ВО „РЕКЕТ“

    БОКИ САКАШЕ ОД 130 КИЛОГРАМИ ДА ИМА 70, СВЕДОЧИ ХИРУРГОТ КОЈ МУ ГО СТЕСНИ ЖЕЛУДНИКОТ НА ПРВООБВИНЕТИОТ ВО „РЕКЕТ“Пред да почне хирургот да сведочи, на прашање на судија Васка Николовска - Масевска, обвинетиот Бојан Јовановски, како негов поранешен пациент, даде дозвола да зборува за неговата здравствена состојба. (Фото: К. Попов)

    Хирургот Тони Јосифовски кој го оперирал два пати обвинетиот за рекетирање Бојан Јовановски, како сведок предложен од него, одговори дека во 2016 и 2018 година два пати се сретнал со пациентот пред да се оперира. Но и потоа, по успешната операција, кога Боки бил многу задоволен и почнал да им препорачува и на други лица да ја намалат тежината со лапароскопски метод на стеснување на желудникот.

    Пред да почне хирургот да сведочи, на прашање на судија Васка Николовска – Масевска, Јовановски, како негов поранешен пациент, даде дозвола да зборува за неговата здравствена состојба на судењето за „Рекет“.

    „Дали познавате некое друго лице во судницава?“, беше прашан сведокот.

    „Да, госпоѓата Катица Јанева“, одговори тој.

    „Дали со неа зборувавте само за операција на желудникот?“, праша одбраната.

    „Да, само за тоа разговаравме“, кажа сведокот.

    „Го прогласувам сведокот за непријателски“, рече адвокатот на Јовановски.

    „Дали по операцијата го преврзувавте Јовановски во куќата на Бојан Јовановски?“, продолжи веднаш со вкрстени прашања адвокатот на Боки.

    „Да, Бојан не сакаше да доаѓа во болница“, одговори хирургот.

    На прашање на Јовановски дали Јанева не сакала да се оперира, а хирургот ја терал да се оперира во болницата на Орце Камчев, сведокот одговори: „Вие ја теравте да се оперира“.

    Тој негираше дека со Ана Камчева бил на гости кај Боки.

    На прашање пак на адвокатот на второобвинетата Катица Јанева, хирургот одговори дека ниту зборел со неа за финансиска конструкција, ниту ја оперирал.

    Со овој сведок Јовановски и одбраната сакаат да докажат дека сведокот и пријавител во „Рекет“ Орце Камчев нудел скапи услуги од неговата болница за да стигне до тогашната специјална обвинителка Катица Јанева и да подмити за негово ослободување од кривичен прогон во големата финансиска истрага „Империја“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира