Грчките власти денеска соопштија дека нови 14 луѓе се позитивни на тестот за коронавирус, по што вкупната бројка на потврдени случаи во земјата се искачи на 45, објави „Катимерини“.
Портпаролот на грчкото министерство за здравство Сотирис Циоград кажа дека 11-мина од новите пациенти се од истата група што неодамна патувала во Израел и Египет, а останатите тројца биле во контакт со нив.
Сите случаи се третираат во одделенија за изолација во болници во Патра и Рио, западна Грција. По состанокот во министерството за здравство, властите одлучија да ги прошират мерките за спречување на ширење на вирусот во трите зафатени области, Ахеја, Илија и Закинтос.
Организирани патувања во и од областите се суспендирани на неодредено и сите фудбалски натпревари ќе се играат без публика.