ФИЛИПЧЕ ДЕНЕСКА ЌЕ ЈА РАЗРЕШИ ЗАРАЗЕНАТА СО КОРОНАВИРУС ДИРЕКТОРКА НА КОЖНАТА КЛИНИКА ПОРАДИ ПРЕКРШУВАЊЕ НА ЕТИКА

    ФИЛИПЧЕ ДЕНЕСКА ЌЕ ЈА РАЗРЕШИ ЗАРАЗЕНАТА СО КОРОНАВИРУС ДИРЕКТОРКА НА КОЖНАТА КЛИНИКА ПОРАДИ ПРЕКРШУВАЊЕ НА ЕТИКА„Директорката на Антикорупциска ми укажа дека случајот не е воопшто поврзан со избори и нема никави проблеми за разрешување, бидејќи станува збор за прекршување на етичките правила“, кажа денеска министерот за здравство Венко Филипче. (Фото: К. Попов)

    Директорката на Клиниката за дерматовенерологија која е заразена со коронавирус денеска ќе биде разрешена од функцијата, најави министерот за здравство Венко Филипче. Тој вчера објави дека директорката се вратила од Италија и одела на работа пет работни дена. По објавувањето на нејзиниот случај, 193 лица се во изолација, а затворена е и Клиниката.

    Министерот вчера рече дека поради предизборниот процес, директорката не може да биде формално-правно разрешена, но денеска разговарал со претседателката на Државната комисија за спречување на корупција и утврдиле дека нема пречки за разрешување.

    „Директорката на Антикорупциска ми укажа дека случајот не е воопшто поврзан со избори и нема никави проблеми за разрешување, бидејќи станува збор за прекршување на етичките правила. Дека кога има ваков случај, ваква итност, тоа може да се направи и тоа ќе го направиме веќе денеска. Ќе се назначи в. д. директор, затоа што и покрај тоа што нема работен процес на Клиниката, има тековни работи кои треба административно да ги извршува“, кажа Филипче.

    Тој вчера кажа дека одговорност ќе има за секој којшто нема да се придржува до пропишаните мерки и дека е многу разочаран од однесувањето на медицинското лице.

    Претседателката на Лекарската комора д-р Калина Гривчева-Старделова, денеска кажа дека директорката на Клиниката за кожни болести која е заразена со коронавирус засега може да добие само јавна опомена, како највисока казна, без да се чекаат судски одлуки. За опомената ќе одлучува етичката комисија на Комората.

    „Лекарската комора бара докторите на медицина и другите здравствени работници да се придржуваат и да ги почитуваат дадените упатства во целина. Апелираме до сите да се однесуваат како што доликува на докторската професија, одговорно и разумно со цел да се заштити здравјето на граѓаните, но и сопственото здравје. Во врска со директорката на Клиниката за дерматовенерологија, која е заболена со коронавирус и која не ги почитувала препораките на здравствените власти, Лекарската комора преку своите органи ќе постапи во согласност со важечките законски прописи, статусот и подзаконските акти по што јавноста ќе биде информирана“, изјави д-р Гривчева-Старделова.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира