Нема нови заболени од коронавирусот, сите четворица тестирани денеска се негативни, вклучително и 16-годишната девојка. Негативен е и контролниот текст на првозаболената од корнавирус која беше хоспитализирана на Инфективната клиника, објави министерот за здравство Венко Филипче. Во државава, во моментов има седум заразени со коронавирус.
„Резултатите на првозаболената пациентка со коронавирус се негативни на овој вирус. Таа беше по втор пат тестирана по дијагностицирањето на вирусот според насоките и препораките на Светската здравствена организација. Негативна на корона вирус е и 16-годишната пациентка со неспецифични знаци за горно респираторна болест. Во меѓувреме, тестирани беа и други двајца пациенти за кои резултатите се исто така негативни на овој вирус. Здравствената состојба на шесте пациенти кои се лекуваат на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби е стабилна, а седмата пациентка е целосно стабилизирана и не е повеќе инфективна, но нејзиното лекување не е завршено. Таа ќе биде сѐ уште хоспитализирана на Клиниката“, објави вечерва Филипче.
По препорака на Комисијата за заразни болести, Владата донесе одлука градинките, училиштата и факултетите да се затворат 14 дена. Брeмените жени и хронично болните, како и еден родител на деца до 10 години да се ослободат од работа, но оваа одлука не важи за вработени во јавно здравство, полицијата и војската.
Пензионерите да не го користат јавниот превоз, а родителите да не ги носат децата во игротеки.
Владата забранува настани на отворен и затворен простор над 1.000 лица на територијата на цела држава во следните 14 дена, а се препорачува да се откажат и да не се организираат настаните со број учесници помал од оваа бројка. Се забранува одржување на спортски натпревари со публика во период од следните 30 дена. Се воведува задолжителна самоизолација на сите лица кои доаѓаат од високо и средноризичните подрачја во период од 14 дена.
Денеска, сите настани и кинопреокции на две недели ги откажаа и Кинотеката и скопското кино Милениум и Младинскиот културен центар (МКЦ).
- БРЕМЕНИТЕ ЖЕНИ И ПО ЕДЕН РОДИТЕЛ НА ДЕТЕ ДО 10 ГОДИНИ ДА НЕ ОДАТ НА РАБОТА 14 ДЕНА, ОДЛУЧИ ВЛАДАТА ПО ЗАТВОРАЊЕТО НА ШКОЛИТЕ И ГРАДИНИТЕ
- КАЗНА ЗАТВОР ДО ЕДНА ГОДИНА ЗА НЕПОЧИТУВАЊЕ НА МЕРКИТЕ ПРОТИВ ШИРЕЊЕ НА КОРОНАВИРУСОТ
- СЕДЕТЕ ДОМА СО ДЕЦАТА, НЕ ОДЕТЕ ПО ИГРОТЕКИ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ ПО ОДЛУКАТА ДА СЕ ЗАТВОРАТ ГРАДИНКИТЕ И ШКОЛИТЕ