СЕДЕТЕ ДОМА СО ДЕЦАТА, НЕ ОДЕТЕ ПО ИГРОТЕКИ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ ПО ОДЛУКАТА ДА СЕ ЗАТВОРАТ ГРАДИНКИТЕ И ШКОЛИТЕ

    СЕДЕТЕ ДОМА СО ДЕЦАТА, НЕ ОДЕТЕ ПО ИГРОТЕКИ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ ПО ОДЛУКАТА ДА СЕ ЗАТВОРАТ ГРАДИНКИТЕ И ШКОЛИТЕВладата одлучи да се затворат градинките, училиштата и факултетите и научните институти во наредните 14 дена. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Родителите да ја почитуваат препораката за мирување и седењето дома и да не се посетуваат игротеките, апелираше министерот за здравство Венко Филипче, по одлуката на Владата да се затворат градинките, училиштата и факултетите и научните институти во наредните 14 дена.

    Владата на денешната седница одлучи дека по еден родител на деца до 10-годишна возраст, кои се вработени во државни институции и во приватните фирми се ослободува од работа во наредните 14 дена, а отсуството ќе му биде платено. Одлуката следи по препораката на Комисијата за заразни болести за заострување на мерките во превенцијата од коронавирусот.

    „Апелирам да се почитува мирувањето и седењето дома, да не се претвори во масовно посетување на игротеки, како што беше случајот со епидемијата на морбили. Ако одат по игротеки, тогаш мерката нема да има никава смисла. Да се почитува мерката децата да бидат во домашни услови“, кажа министерот.

    Владата забранува настани на отворен и затворен простор над 1.000 лица на територијата на цела држава во следните 14 дена, а се препорачува да се откажат и да не се организираат настаните со број учесници помал од оваа бројка. Се забранува одржување на спортски натпревари со публика во период од следните 30 дена. Се воведува задолжителна самоизолација на сите лица кои доаѓаат од високо и средноризичните подрачја во период од 14 дена.

    Владата апелира возрасните и хронично болни да го избегнуваат јавниот превоз и да не се патува во земјите од висок ризик. Се забранува и организиран автобуски превоз до Италија, Германија и Франција.

    „Државната изборна комисија (ДИК) за вработените од јавно-здравствените установи кои се ангажирани за потребите на изборниот процес, истите да ги ослободи од понатамошното учество поради тоа што има некои обуки од ДИК и тие да бидат заменети со други лица“, рече Филипче.

    Во државава, во моментов има седум лица заразени со коронавирус и состојбата на шестмина е стабилна со лесна клиничка слика,  а на првата заразена пациентка е целосно стабилна и се очекува да биде пуштена од Инфективната клиника во Скопје.

    Филипче кажа дека во моментов се тестира за КОВД-19  само една 16-годишна девојка, која како што рече, има нетипични знаци на респираторна инфекција, а резултатот ќе биде познат до крајот на денов.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира