ЛЕКАРИТЕ ДА ГИ ОДЛОЖАТ ПРИВАТНИТЕ ПАТУВАЊА ВО СТРАНСТВО, АПЕЛИРА ФИЛИПЧЕ

    ЛЕКАРИТЕ ДА ГИ ОДЛОЖАТ ПРИВАТНИТЕ ПАТУВАЊА ВО СТРАНСТВО, АПЕЛИРА ФИЛИПЧЕ„Доколку одат некаде во ризичните подрачја, потоа ќе треба да останат во автоизолација 14 дена, а потребни ни се сите лекари во моментов“, изјави Филипче на денешниот прес. (Фото: K. Попов)

    Министерот за здравство Венко Филипче апелираше до здравствените работници да ги откажат приватните патувања надвор од државата.

    „Доколку одат во некои од ризичните подрачја, потоа ќе треба да останат во автоизолација 14 дена, а секој лекар ни е драгоцен во моментов. Многу е непредвидлива ситуацијата и не се знае која земја за брзо време ќе стане земја со висок ризик. Оваа мерка ќе ја предложам до Владата по што ќе ја информираме јавноста“, изјави Филипче.

    Владата вчера донесе одлука сите образовни институции и студентските домови да се затворат во следните 14 дена, и да се забранат сите патувања со автобуси во земјите со висок ризик на зараза, како Италија, Франција и Германија.

    На новинарско прашање дали имаат информации за туристички патувања за празникот 8 Март, Филипче кажа дека сѐ уште не добиле информација од Стопанската комора, но штом ја добие ќе ја информира јавноста.

    На Инфективната клиника во моментов се хоспитализирани шест пациенти со коронавирус, со оглед на тоа дека првата заболена пациентка е целосно излечена и се очекува нејзино пуштање дома во наредните денови. Дванаесет лица во моментов се тестираат за коронавирус, а резулатите ќе бидат познати за два часа, најави Филипче.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира