Претседателот Стево Пендаровски кажа дека изминатиов период регистрирани се неколку обиди за ширење на лажни вести во врска со коронавирусот, со цел да се предизвика паника кај граѓаните. Тој на прес-конференцијата апелираше да не се шират лажни вести и медиумите да добиваат и пренесуваат информации од официјални извори.
„Имаше неколку обиди за организирано и планско ширење лажни вести, со цел да се предизвика паника кај населението. Не од незнаење или непрофесионалност, туку дополнително да се влоши ситуацијата во земјава и да се изгуби вербата на граѓаните во институциите“, рече претседателот Стево Пендаровски.
Министерството за внатрешни работи во средата ги предупредува корисниците на социјални мрежи да не споделуваат и шират непроверени, односно лажни вести околу коронавирусот, со кои се создава вознемиреност и паника меѓу граѓаните. Од МВР рекоа дека таквите злоупотреби ќе бидат законски санкционирани, затоа што на тој начин се вознемируваат граѓаните и се создава непотребна паника.
А. АНТЕВСКА