Министерот за здравство Венко Филипче ги повика и приватните болници да ги почитуваат препораките на Владата за ограничување на ширењето на коронавирусот и да ги третираат само итните и малигни интервенции, исто како и институциите од јавното здравство.
Владата препорача сите хронично болни пациенти, чија хируршка интервенција претходно била закажана и која постои можност да се одложи – да се презакаже. Смее да се прават само неодложни хируршки интервенции, особено онколошките.
„Денеска имаше реакција од Институтот за трансфузиологија што мора да се земе со големо внимание, дека може да се намалат резервите на крв, со оглед на тоа дека сега крводарителските акции се нешто редуцирани. Ќе бидат известени приватните болници да се придржуваат до овие мерки“, кажа Филипче.
Хронично болните пациенти на кои им треба редовна терапија, кои до сега требало во одреден период да се јават на лекар специјалист, во следните денови ќе може да се јават својот матичен лекар. Но, „оваа мерка не важи за новодијагностицираните паценти“, стои во одлуката на Владата.
Министерот Филипче вели дека не му е познат случај некој здравствен работник во оваа ситуација да е без обврска или работа. Направен е оперативен план на менаџментот на секоја установа, како и план за ротација на дежурства.
„Направивме план да се дополнат капацитетите на Инфективната клинка со анестезиолозите од КАРИЛ и од Клиниката за неврохирургија, кои и без тоа имаат многу работа. Апелирам, иако знам дека здравствените работници се свесни, бидејќи сме во секојдневна комуникација, за важноста на оваа ситуација, дека треба да го дадат масксимумот од себе, како што го прават и во сите други ситуации“, рече министерот.
Во земјава во моментов имa 12 лица заразени со коронавирус и сите се хоспитализирани на Инфективната клиника. Првозаболената пациентка е целосно оздравена и треба да биде пуштена на домашно опоравување.
Б. НЕСТОРОСКА