Администрацијата на Доналд Трамп понудила „огромна сума пари“ за ексклузивно да ја добие вакцината против коронавирусот што ја развива една германска компанија, објави весникот „Ди Велт“.
Според весникот, Трамп се обидува да ја убеди компанијата „КјурВак“ од Тибинген да го пресели својот истражувачки оддел во САД и да ја развие вакцината специјално за нив. Портпарол на германското Министерство за здравство потврди дека Германија има сознанија за ова.
„Берлин е многу заинтересиран вакцината и други активни супстанци против новиот коронавирус да бидат развиени во Германија и Европа“, изјави портпаролот.
И самото Министерство за здравство ги потврди обидите на Вашингтон да ја преземе оваа биофармацевтска компанија. Владини извори велат дека Берлин сега му нуди финансиски субвенции на „КјурВак“ за да го убеди да остане во Германија.
Минатата недела, извршниот директор на компанијата Даниел Меникела бил гостин на Доналд Трамп и Мајк Пенс во Белата куќа, каде што се дискутирало за развој на вакцината. Тој изразил надеж дека нивната експериментална вакцина ќе почне да се тестира оваа пролет.