Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески на денешната прес-конференција пред општинската зграда ги соопшти мерките кои градот ги презема за заштита од коронавирусот.
Тој информира дека изминатава недела целосно се изврши вонредна дезинфекција на сите објекти од ЈОУДГ „Јасна Ристеска“, потоа дека од денес започна дезинфекцијата на основните училишта „Григор Прличев“, „Братство Единство“ и „Методи Патче“, а до крајот на недела ќе се изврши дезинфекција на преостанатите основни и средни училишта,
Георгиески најави редуцирање на локалните и меѓуградските возни линии. Новиот возен ред ќе биде објавен на општинската веб страница,
„Локалната самоуправа од денес ќе работи редуцирано со странки од 09 до 11 часот и тоа само преку архивата на општина Охрид, потоа дека ЈП „Билјанини извори“ ги повлекува вработените кои што работат на градските паркинзи, а наплатата ќе се врши само по електронски пат, како и дека од денес основците и децата од претшколска возраст ќе имаат можност да ги следат едукативните содржини кои што ќе се емитуваат на трите канали на националниот сервис МРТВ, а содржини кои се изведени од актуелните наставни програми“, кажа Георгиески.
Георгиески кажа дека во соработка со Црвен Крст, ќе издвои 300.000 денари за помош на лица од социјално ранливи категории кои што ќе се во изолација, за основни прехранбени продукти и средства за хигиена, Сите оние кои имаат потреба од наведените услуги на мобилниот тим може да ги побараат на следните телефонски броеви од Црвен крст – Охрид: 046 / 261 – 909, 070 / 315 – 309, специјалниот број 13 – 112, 070 / 989 – 826 и 070 / 354 – 712,
Градоначалникот Георгиески рече дека два објекти (ученичкиот дом „Ванчо Питошески“ со 38 соби и студентскиот дом со околу 30 соби) по потреба ќе бидат пренаменети во објекти за изолација и карантин за лесни случаи на заболени од КОВИД-19.
Д. ЧУБРИЌ