ПЕНДАРОВСКИ ПРОГЛАСИ ВОНРЕДНА СОСТОЈБА, НА ГРАЃАНИТЕ КОИ САКААТ ДА СЕ ВРАТАТ ОД СТРАНСТВО ИМ КАЖА ДЕКА МОЖАТ, АМА ПРВИН ВО КАРАНТИН

    ПЕНДАРОВСКИ ПРОГЛАСИ ВОНРЕДНА СОСТОЈБА, НА ГРАЃАНИТЕ КОИ САКААТ ДА СЕ ВРАТАТ ОД СТРАНСТВО ИМ КАЖА ДЕКА МОЖАТ, АМА ПРВИН ВО КАРАНТИНПендаровски откако прогласи вонредна состојба, побара од Владата итно да презеде мерки за помош на фирмите кои престанаа да работат. (Фото: Кабинет на Претседателот)

    „Прогласувам вонредна состојба во траење од 30 дена, на територијата на целата држава“, кажа денеска во 18 часот претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, откако собранискиот спикер Талат Џафери му испрати известување дека Собрание нема, тоа е распуштено и не може да се собере и прогласи вонредна состојба за поригорозен степен на борба на државата против пандемијата со корона вирусот.

    Немам никакви дилеми во исправноста на одлуката, рече тој и додаде дека очекува од Владата и институциите да бидат на висина на задачата. Пендаровски очекува од денеска Владата и надлежните министерства да имаат зголемени надлежности и ќе може да ги користат сите ресурси на државата, и држани, и приватни, за поуспешно да се справиме со заразата.

    Тој им кажа на граѓаните дека во вонредна состојба Владата ќе може да носи уредби со сила на закон, со цел за поголемо ограничување на луѓето, и особено да обезбеди поголеми средства за поддршка на економијата. Очекува владата, надлежните министерства, ЦУК и сите активности дневно да информираат за активностите што ги спроведуваат, како и за нивните планови.

    Пендаровски очекува помош на економијата, на фирмите кои не работат и кои веќе трпат штети.

    Владата ќе продолжи како техничка, со опозицијата внатре, рече претседателот. Очекува сите политички партии да раб заеднички во насока на справување со големата опасност за сите нас, која е без преседан во државата и да не се грижат за својот политички рејтинг.

    Парламентарните избори ќе бидат закажани дури кога ќе се создадат услови за фер и демократско изјаснување на граѓаните.

    Сите политички дебати да се остават на страна, зашто се безвредни во однос на заштитата на нашето здравје, рече Пендаровски.

    На граѓаните кои се во странство, им рече: „Најпаметно е да останете во земјата во која сте. Добредојдени сте дома, но мора да ги почитувате сите мерки кои се пропишани, а тоа значи дека може ќе бидете сместени и во карантин“.

    Тој побара да се држиме сите заедно за да ја победиме состојбата, а на лекарите, војската и на полицијата им се заблагодари.

    С.К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира