ДОСЕГА СЕ НАПРАВЕНИ 258 ТЕСТИРАЊА ЗА КОРОНАВИРУС, НЕ ТРЕБА ДА СЕ БРЗА СО ТЕСТИРАЊА, ВЕЛАТ ЗДРАВСТВЕНИТЕ ВЛАСТИ

    ДОСЕГА СЕ НАПРАВЕНИ 258 ТЕСТИРАЊА ЗА КОРОНАВИРУС, НЕ ТРЕБА ДА СЕ БРЗА СО ТЕСТИРАЊА, ВЕЛАТ ЗДРАВСТВЕНИТЕ ВЛАСТИИма доволно тестови за коронавирус и заштитна опрема за епидемиолозите и нема потреба за загриженост кај граѓаните, велат директорите на Центарот за јавно здравје и на Институтот за јавно здравје, Армен Зибери и Шабан Мемети. (Фото: K. Попов)

    Директорот на Институтот за јавно здравја Шабан Мемети кажа дека досега се направени 258 тестови за коронавирус, дека има доволно реагенси и нема потреба за загриженост кај граѓаните. Во однос на проширениот скрининг кој министерот за здравство Венко Филипче го најави за Дебар и околината, како и за Струга, Мемети рече дека се следат препораките на Светската здравствена организација (СЗО) и дека се тестираат лица кои се сомнителни или имаат клиничка индикација за вирусот, како и дека не треба да се брза со тестирања оти има повеќе пристапи.

    Тој одржа заедничка прес конференција со директорот на Центарот за јавно здравје д-р Армен Зибери кој кажа дека телефонските линии на кои граѓаните може да се јават доколку почувствуваат симптоми за коронавирус се пребукирани со повици.

    „Не е точно дека вработените не креваат слушалка, имаме премногу повици, бидејќи луѓето се јавуваат и за секоја блага настинка. Знаете, владее и состојба на психоза, бидејќи ќе слушнат дека некој роднина или близок има сипмтоми и ѕвонат да се советуваат со нас. Многу луѓе се јавуваат, но се трудиме на сите да им одговориме и да им дадеме совети“, рече Зибери на заедничката прес-конференција со директорот на Институтот за јавно здравје Шабан Мемети.

    Зибери додаде дека со министерот за здравство Венко Филипче разговарале за отворање на кол-центар во соработка со операторите во земјава.

    Според Зибери, Центарот за јавно здравје располага со шест тима на епидемиолози кои работат по 24 часа, и имаат доволно заштитна опрема со оглед на тоа дека тие се најдиректно изложени на заболените од КОВИД-19.

    „Најдобрата работа, најсуштинската која граѓаните може да ја направат е да ги слушаат сите мерки кои ги даваат надлежните органи, да не излегуваат без потреба. Најдобрата мерка за превентива е што помалку контакти“, рече Зибери.

    Во земјава во моментов има 42 лица заболени од коронавирус, а до утрово немаше нови случаи, според последните информации од Министерството за здравство.

     Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира