Сѐ уште е многу рано да се потврди ефикасноста и безбедноста на сите комбинации од лекови, откако научната јавност последните неколку денови се заинтересира за студијата од Марсеј, Франција, каде 20 пациенти заболени од КОВИД-19 беа третирани со комбинирана терапија од хидроксихлорохинин заедно со азитромицин, вели проф. д-р Александра Грозданова од Фармацевтскиот факултет на УКИМ и претседателка на Комисијата за имунизација.
Оваа терапија со антималарик кој се користи и како антиревматски лек, како што вели Грозданова, дала значително намалување на присуството на вирусот, споредено со контролните групи на пациенти кои не го примиле лекот, а додавањето на азитромицинот се покажало дека е уште поефикасно. Таа вели и дека оваа терапија е релативно достапна, бидејќи станува збор за лекови кои повеќе децении се користат, но мора да се има предвид дека истата е со одредени несакани ефекти кај дел од пациентите.
„Мора да се спомене дека дополнително најголем дел од овие лекови се употребуваат во така наречена ’off label‘ употреба, што значи за сѐ уште неодобрена индикација. Нашето Министерството за здравство е во контакт со производителите на овие лекови, а поради зголемената побарувачка се прават интензивни и заеднички напори да се обезбедат побрзо соодветни количини од лековите. Секако и во вакви ситуации се следи постапката за подготовка на национален протокол за лекување по што следи одобрување од етичката комисија за употреба на оваа терапија“, вели Грозданова, додавајќи дека „исто како и во другите земји, колегите од Инфективната Клиника во Скопје, подготвија протокол за лекување со оваа терапија, врз основа на кој ќе следи одобрување на примена на оваа терапија и кај нашите пациенти“.
Научната јавност и истражувачите од целиот свет како никогаш досега многу интензивно и солидарно работат на откривање на нови или веќе постоечки лекови кои би се користеле во лекување на КОВИД-19, вели професорката од Фармацевтскиот факултет. Секоја нова студија и извештаите за клиничките ефектите од лекувањето се следат на дневна основа и искуствата кои колегите од Кина безрезервно ги споделија се исклучително битни и главно на истите се базираат протоколите за лекување на КОВИД-19 кои земјите на национално ниво ги подготвуваат.
Покрај комбинацијата на хидроксихлорохинин и азитромицин, во моментов постојат повеќе студии за лекови или протоколи на лекување за кои се надеваат дека ќе имаат успех.
„Меѓу нив се група на различни антивирусни лекови како ремдисевир кој во моментов највеќе ветува, а кој беше лек користен за третман на ебола. Се испитува и ефикасноста на комбинации од досега користените лекови за ХИВ и тоа лопинавир со ритонавир, а одлични резулатти во Кина и Јапан покажа и фавипиравирот. Дополнително антиревматскиот лек тоцилизумаб, кое е моноклонално антитело покажа многу добра ефикасност. Во протоколите се додадени секако и интерферонската и антибиотската терапија“, вели Грозданова.
Развојот на вакцините за КОВИД-19 е исто така интензивен. СЗО објави листа на 41 потенцијален кандидат за вакцина, кои во моментов во светот се испитуваат. Најнапред во тестирањата е американската компанија „Модерна терапеутикс“, која минатата недела на 16 март започна со клиничко тестирање и првата доза од оваа вакцина ја примија група на здрави доброволци. Германската компанија „КјурВак“ исто така е во напредна фаза со тестирањата на својата вакцина, како и неколку производители од Кина.
М. ИЛИОСКИ