КУМАНОВО БАРА ЕПИДЕМИОЛОЗИ И СТРУЧЕН ПЕРСОНАЛ ЗА СПРАВУВАЊЕ СО КОРОНАВИРУСОТ

    КУМАНОВО БАРА ЕПИДЕМИОЛОЗИ И СТРУЧЕН ПЕРСОНАЛ ЗА СПРАВУВАЊЕ СО КОРОНАВИРУСОТОд денеска сите пациенти кои не се со симптоми на вирусот КОВИД-19, ќе бидат упатени на Одделението за уво, грло и нос, во Општата болница Куманово, а инфективното ќе се користи за заразените. (архивска фотографија)

    Општина Куманово побара поголема стручна и медицинска поддршка од Министерството за здравство, заради справување со коронавирусот во градот. Општинскиот кризен штаб денеска апелираше до Министерство за здравство и Комисија за здравство да го засили човечкиот потенцијал во Центарот за јавно здравје во Куманово со зголемување на бројот на епидемиолози и други стручни лица во интерес на непречено работење и спроведување на интензивни тестирања на територија на Општина Куманово.

    „Она што е најважно во овој момент е Комисијата за здравство во соработка со Институтот за јавно здравје да обезбедат дополнителен број на стручни и компетентни лица, првенствено епидемиолози и друг технички персонал, за да се засили кадровскиот капацитет на Центарот за јавно здравје, каде што мораат да се вршат поголем број на контроли и да се прават поголем број на тестови за граѓани кои се сомнителни случаи дека се заразени од коронавирус“, изјави градоначалникот Максим Димитриевски.

    Од денеска сите пациенти кои не се со симптоми на вирусот КОВИД-19, ќе бидат упатени на Одделението за уво, грло и нос, во Општата болница Куманово, а инфективното ќе се користи за заразените.

    „Инфективното одделение од денеска ќе се користи само за изолација, а фебрилните состојби кои немаат позитивна амнеза и сомнеж за короновирус ќе се упатуваат на одделот за уво, нос и грло, таму ќе бидат хоспитализирани“, изјави директорката Снежана Захариева.

    На Инфективното одделение пред неколку дена почина пациентка, а заразени се двајца лекари и една медицинска сестра.

    „Ние мора да бидеме подготвени дека може уште некој да заболи. Малку сме. Имаме дефицитарен кадар, инфектолозите беа четворица, сега се тројца. Имаме испомош на уште двајца помлади лекари, едниот е специјализант, другиот е општ лекар и уште еден колега којшто е доктор по општа медицина, доктор со искуство којшто веќе се години дежура на тој оддел. Во однос на медицинските сестри направена е распределба на персонал согласно указот на Министерството за здравство за работа во вонредна состојба, што значи не шетање, туку таму каде што нема толку потреба префрлени на помош на инфективниот оддел“, рече Захариева.

    На одделението во Општата болница Куманово лежат тројца пациенти со симптоми на коронавирус, а потешките случаи се препраќаат во Скопје.

    „Состојбата се менува од час во час. Имаме пациент за кој вчера стигна резултат дека е негативен, но состојбата е влошена и ќе биде префрлен во Скопје. На Скопските клиники ќе бидат упатени и двајца пациенти сопружници, сопругата е позитивна, тој е негативен, биле во контакт и болеста почнала истовремено“, вели директорката.

    Владата на вчерашната седница најави дека упати стручна поддршка на Општата болница Куманово.
    „Со оваа одлука се задолжуваат Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје да подготват посебен план со екипи за да се преземат сите потребни мерки и активности за да се спроведе поголем број на тестирања на подрачјето на територијата на општина Куманово, со цел континуирана детекција и организација на следење на состојбата со бројот на инфицирани лица од коронавирус (COVID-19), за поефикасен третман на истите, како и да се упати стручен медицински персонал и да се обезбеди техничка помош за потребите на Општа болница – Куманово“, соопштуваат од Владата.

    Досега во Куманово има заразени 11 лица со коронавирус, а една 57-годишна жена почина.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира