ФАБРИКАТА „РОНТИС“ ИЗРАБОТИ И ДОНИРАШЕ ЗАШТИТНИ ВИЗИРИ ЗА ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ ВО ВЕЛЕС

    ФАБРИКАТА „РОНТИС“ ИЗРАБОТИ И ДОНИРАШЕ ЗАШТИТНИ ВИЗИРИ ЗА ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ ВО ВЕЛЕСПрвата пратка од 500 визири е за јавното здравство, потоа ќе се изработи и доделат заштитни визири за матичните доктори од општината. (Фото: Ронтис)

    Швајцарската компанија „Ронтис“, која има фабрика за медицински помагала близу Велес, изработи 500 визири кои ги донира на здравствените работници од јавното здравство во Велес за заштита од коронавирусот. Дополнително ќе изработи визири и за сите 55 матични лекари од општината. Во изработката на овие заштитни визири биле ангажирани лица од администрацијата.

    „Поттикнати од случувањата со пандемија од КОВИД-19 и зголемените потреби од заштитни средства за луѓето кои што се на првата борбена линија и работат за сите нас, дел од администрацијата на ‘Ронтис’ влезе во одделот за производство да изработи заштитни визири. Не беше тешко да пренамениме дел од своите линии за производство, и од идеја до реализација во еден ден за нешто помалку од 7 часа се произведоа и спакуваа 500 визири. Овие визири се донирани во Општа болница Велес, Здравен дом Велес, Центарот за јавно здравје Велес и Специјализирана болница Јасеново. Дополнително ќе бидат изработени количини за сите матични лекари од Велес“, соопшти компанијата чие производство на медицински помагала е наменето за странскиот пазар.

    Од компанијата велат дека работниот процес продолжува со мали рестрикции во фабриката каде се вработени 300 лица, поради отсуства на дел од вработните. Велат дека произведуваат медицински помагала, односно крвни линии за хемодијализа и не смеат потрошувачите -пациенти, да ги остават без овој производ.

    „Работиме да овозможиме непречена достава на крвни линии за еднократна употреба, неопходни за функционирање на процесот за хемодијализа кај пациентите со хронична бубрежна инсуфициенција“, велат од менаџментот на „Ронтис“.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира