ДЕНЕСКА Е ДЕН – ИСТОРИЈА, РЕЧЕ ПРЕМИЕРОТ СПАСОВСКИ ПО РАЗВИОРУВАЊЕТО НА МАКЕДОНСКОТО ЗНАМЕ ВО НАТО И НАЈМНОГУ МУ СЕ ЗАБЛАГОДАРИ НА ЗАЕВ

    ДЕНЕСКА Е ДЕН – ИСТОРИЈА, РЕЧЕ ПРЕМИЕРОТ СПАСОВСКИ ПО РАЗВИОРУВАЊЕТО НА МАКЕДОНСКОТО ЗНАМЕ ВО НАТО И НАЈМНОГУ МУ СЕ ЗАБЛАГОДАРИ НА ЗАЕВНа скромната церемонија поради пандемијата на коронавирус, генералниот секретар на НАТО Столтенберг на платото пред седиштето на НАТО ѝ посака добредојде на Македонија. (Фото: Твитер/Јенс Столтенберг)

    Денеска го прославуваме најголемиот успех на Македонија од нејзиното осамостојување и независност, рече техничкиот премиер Оливер Спасовски откако членовите на неговата Влада стоечки и со аплауз на седница го гледаа искачувањето на нашето знаме пред НАТО-алијансата, преку директниот пренос на телевизиски монитори.

    Денеска во 15 часот со интонирање првин на нашата, а потоа и на химната на Алијансата, знамето на Република Северна Македонија се развеа во Брисел до знамињата на земјите членки во најмоќниот воен сојуз во светот. Претходно добредојде на Македонија ѝ посака генералниот секретар Јенс Столтенберг. На оддалеченост од него, на малата церемонија беше и в.д. шефот на Постојаната мисија на Република Северна Македонија при НАТО Зоран Тодоров.

    Церемонијата на подигнување на знамето се одржа симултано во исто време и во седиштето на Здружената команда за операции во Монс, Белгија и во седиштето на Здружената команда на НАТО за трансформации во Норфолк, Вирџинија. Во Брисел, македонското знаме го подигнаа oфицерите на АРСМ полковник Круме Велков и потполковник Петре Домазетов, а во Монс полковник Панче Стефановски и потполковник Смиљан Јурдана.

    „Патот беше долг и тежок, а наградата ја заслуживме. Да се запише дека денеска е ден за паметење, ден – историја“, рече Спасовски.

    Кажа дека со големите одлуки станавме подобра држава и подобро општество, дека во последните три години ги направивме клучните реформи, кои нè турнаа напред. Им се заблагодари на сите претходни заслужни лидери за евроатлансткиот процес, на претходниот премиер Зоран Заев особено за неговото неуморно залагање и храбри одлуки, како што рече.

    „Ние ќе го победиме вирусот и ќе се посветиме максимално на другата стратешка цел, преговорите за членство во ЕУ“, рече Спасовски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира