Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека позитивни на коронавирус се 8 медицински лица и двајца пациенти од Заводот за рехабилитација во Козле, каде што од 9 до 23 март престојуваше првиот заболен пациент со коронавирус од Тетово. Како што рече Филипче, тестирани биле 46 вработени и 6 пациенти, а денеска се тестирани уште 16 пациенти. Заводот за рехабилитација во Козле ќе биде затворен, а пациентите ќе бидат препраќани на одделение во болницата „8 Септември“.
„Добрата вест е денеска што од Инфективната клиника се испишани 9 пациенти, 8 од Дебар и еден од Скопје. Во следните денови очекуваме и други пациенти кои по истиот систем на двојно тестирање ќе бидат испратени дома“, изјави Филипче на денешната прес-конференција во Владата.
Од 26-те нови регистрирани случаи, од Дебар е 1, од Скопје -19, од Куманово – 3, од Прилеп – 1, од Тетово – 1 и од Крива Паланка – 1.
Тој рече дека на Инфективната клиника вкупно се хоспитализирани 47 пациенти, од кои тројца се на респиратори, а на кислородна поддршка се дополнителни девет. Филипче кажа и за една пациентка, почината во Струга. Бил направен обид за реанимација, но таа починала. Не била дијагностицирана со коронавирус, но со оглед на сличноста на клиничката слика земен е брис пост мортем и ги чекаат резултатите.
Министерот за здравство кажа и дека 20 илјади тестови како донација веќе се на пат кон нашата земја, како и 5 илјади тестови донација од наша приватна лабораторија која ќе се вклучи во системот на тестирање.
Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче рече дека се прават 200-300 тестови дневно.
Како што соопшти претходно Министерството за здравство, денеска почина уште еден пациент од КОВИД-19. Регистрирани се 26 нови случаи со што бројката на вкупно дијагностицирани пациенти е 285. Деветмина пациенти се излекувани и испишани од Клиниката за инфективни болести. Со тоа, бројката на излечени пациенти е 12, а на починати 7.
79-годишникот кој почина утрово бил позитивен на тестот за коронавирус на 23 март, а два дена подоцна со влошена здравствена состојба бил примен на Инфективна клиника.