Судиите од Гевгелискиот основен суд и вработените во администрацијата самоиницијативно за денешниот Ден на правосудството собрале пари за да ги донираат на Инфективната клиника во Скопје за борбата со епидемијата на коронавирус.
Претседателката на Основниот суд Гевгелија Злата Попова вели дека сумата е симболична, но сакаат да ги мотивираат граѓаните и како индивидуалци да помогнат во битката со раширената зараза. Судот е буџетски корисник и законски не смее да дава донации, но вака собрани средства секој од својот личен доход, судиите и вработените може да донираат за разни цели.
„На овој начин ние сакаме да го прославиме и враќањето на пошироката надлежност на Основниот суд Гевгелија, која ни беше земена. Одлучивме дека сега нам ни е редот да дадеме. Имаме наш проект наречен ’И ние сме дел од целото‘ кој трае веќе една година, а во рамки на кој веќе дониравме и за децата со посебни потреби во општината. Кога ќе ја земеме наредната плата, се договоривме пак да собереме средства, кој колку има, според висината на нашите примања и да донираме онаму каде што е најпотребно“, вели претседателката Попова.
На Инфективната клиника донациите се главно од фирми и компании, ретко од граѓани поединци.
С. К. ДЕЛЕВСКА