Лидерот на владејачката СДСМ Зоран Заев вели дека не смее да се чепка вториот пензиски столб, како што предложи лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во интервју на „Канал 5“. Како што кажа Заев, станува збор за пари на граѓаните и тоа е исто како да им ги земете парите од дома.
„Не треба да се чепка во вториот пензиски столб, тоа се пари на граѓаните. Ние сме европска земја, имаме европски вредности. Ако чепкаме во тие пари на граѓаните тогаш да чепкаме и дома што имаме пари. Да им ги земеме и на газдите, да им ги земеме на сите. Газдите и бизнисмените треба најмногу да дадат, но сето тоа мора да биде врз основа на закони вредности, ние сме демократија“, кажа Заев.
Мицкоски предложи средствата кои што се уплаќаат во фондот за вториот задолжителен приватен пензиски столб, државата да ги пренасочи во првиот задолжителен државен столб.
За предлогот на Мицкоски за 50% од бруто платата, Заев рече дека Мицкоски е опозиција и не сноси одговорност, па може да предлага популистички мерки.
„Тој кога ги дава своите мерки може да каже и да дадеме по две или по три плати, зошто па да не. Државата се ориентира согласно своите можности. Лесно е да бидете гол популист без да имате одговорност во оваа работа. Апсолутно не го сфаќам ни за сериозно“, рече Заев.
За мерките на Владата за справување со кризата предизвикана од епидемијата на коронавирус, кои не предвидуваат вработените во јавниот сектор да одат на минимална плата, како што предложи Заев, лидерот на СДСМ вели дека немало мнозинство во Владата за таков чекор засега.
„Во Владата мнозинството одлучија дека ова не треба сега да се прифати и е одложено за одредено време ако има потреба. И тогаш реков: ова е предлог до владата, како и да одлучат ќе ја имаат нашата поддршка. Ние и да најдеме милијарда и 500 милиони евра, пак треба да штедиме, тоа треба да го каже некој. Администрацијата е дома преку 60- 70% зема цела плата, во услови кога се одложени кредитите, извршителите се одложени, се земаат поевтини кредити, а вкупната потрошувачка е редуцирана, седат дома граѓаните. Ќе испадне дека администрацијата е ќар“, кажа Заев.