Втор ден по ред, во САД има речиси 2.000 починати од КОВИД-19, додека властите велат дека мерките на изолација даваат резултати.
Во последните 24 часа починале 1.858 луѓе, најмногу во еден ден досега, а најтешко погодена област останува градот Њујорк, каде што вчера имаше 806 мртви, што исто така е дневен рекорд.
Коронавирусот досега однесе 14.797 животи во САД, помалку само од Италија.
Италија и Шпанија, двете најтешко погодени држави во Европа, најавуваат олеснување на карантинот до крајот на месецот.
„Ако добиеме потврда од научниците, би можеле да попуштиме со некои мерки до крајот на месецот, но тоа би се одвивало постепено“, изјави италијанскиот премиер Џузепе Конте.
И од шпанската влада доаѓаат најави дека некои ограничувања би можеле да бидат укинати по 26 април, до кога е на сила вонредна состојба.
Германија бележи зголемување на бројот на нови случаи трет ден по ред и сега има вкупно 113.296 заразени, од кои 2.349 починале.
Два дена откако премиерот Абе прогласи вонредна состојба, но не и карантин, Јапонија за првпат од почетокот на кризата има повеќе од 500 нови случаи на зараза.