Општинскиот штаб за заштита и спасување на Општина Куманово, побара од Министерството за здравство да го затвори гинеколошко-акушерското одделение во Кумановската болница, откако денеска се регистрирани позитивни случаи на коронавирус на медицински сестри и акушерки од ова одделение.
„Бараме од Министерство за здравство и Комисија за заразни болести времено да се затвори Гинеколошко-акушерско одделение во Општа болница – Куманово, поради новонастанатата состојба со зголемен број на здравствени работници кои се позитивни на тестовите за КОВИД- 19 и воедно да се изврши итна контрола на останатите болнички капацитети во Општа болница – Куманово, да се направи проценка за ризикот и да се овозможи непречена функционалност на останатите оддели во Болницата, како и да се обезбеди дополнителен капацитет на стручни лица во ЦЈЗ – Куманово“, соопштуваат од кризниот штаб.
Истовремено се бара од Министерство за здравство, Комисија за заразни болести и ИЈЗ- Скопје да даде приоритет на тестовите за здравствените работници на територијата на Општина Куманово, бидејќи поголемиот број брисови коишто се испратени за анализа нема резултати навремено, со што сметаме дека се креира нереална епидемиолошка слика во Општина Куманово.
Од Кумановската болница тестирани се 70 здравствени работници и се чекаат нивните резултати.
С. НИКОЛИЌ