Министерот за внатрешни работи Митко Чавков поднесе оставка и на негово место премиерот Емил Димитриев го предложи Оливер Андонов, објави државната агенција МИА, повикувајќи се на владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев. Андонов ќе биде министер само до утре, кога Оливер Спасовски се враќа на функцијата како предизборен министер. Андонов ќе продолжи како дополнителен заменик министер.
„Може да потврдам дека министерот Митко Чавков предмалку поднесе оставка на позицијата министер за внатрешни работи. Премиерот Димитриев ја прифати оставката на Чавков и согласно законските прописи ја испрати до Собранието заради нејзино констатирање. Истовремено премиерот до Собранието испрати предлог професорот Оливер Андонов да биде нов министер за внатрешни работи. Откога пратениците ќе го изберат Андонов тој ќе биде нов министер, а потоа ќе биде и дополнителен заменик министер за внатрешни работи во Владата за спроведување на изборите која би требало да се изгласа во Собранието утре“, изјави Ѓорѓиев за МИА.
Според портпаролот на Владата, се очекува премиерот Димитриев да го предложи Митко Чавков за нов директор на Бирото за јавна безбедност во МВР. Ѓорѓиев потврди дека на денешната седница на Владата биле разрешени досегашните директори на Бирото за јавна безбедност и Управата за безбедност и контраразузнавање, Горанче Савовски и Љупчо Андоновски, на нивно барање. На истата седница за нов директор на УБК е именуван Владимир Атанасовски, досегашен директор на Управата за финансиско разузнавање.
Собранието ќе има седница во текот на денот на која ќе биде констатирана оставката на Митко Чавков, и на која ќе се гласа за предлогот за избор на Оливер Андонов за нов министер за внатрешни работи.
ЧАВКОВ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА, ОЛИВЕР АНДОНОВ ПРЕДЛОЖЕН НА НЕГОВОТО МЕСТО
a:1:{s:9:"td_source";s:45:"Скопје,(САКАМДАКАЖАМ.МК)