Тетовските пожарникари, покрај секојдневната борба со пожарите во регионот, активно се вклучени и во акцијата за дезинфекција на градот како превентивна мерка за заштита од КОВИД-19. Во рамките на противпожарната единица од Тетово, формирани се посебни групи во секоја смена, кои секојдневно се ангажирани за чистење и дезинфекција.
„Во овие групи има по 5-6 пожарникари, кои, секој во своја смена, непрестано прават дезинфекција и дератизација на влезовите во зградите, просторите пред зградите каде што најчесто се играат деца и престојуваат постарите и на шахтите, а се врши дезинфекција и на влезовите на семејни куќи. Поминавме повеќе улици во горниот дел од градот, каде користиме мобилни моторни прскалки, бидејќи тука поради тесните улици и големиот број паркирани автомобили не можеме да поминеме со поголемо возило. Во долниот дел од градот завршена е дезинфекцијата на улиците околу зелениот пазар, а потоа се префрламе кон градските блокови. Нѐ радува податокот што наидовме на многу граѓани кои сакаат да помогнат. Освен во градот, дезинфекција направивме и во селата Сараќино, Фалише, Порој и Џепчиште, а потоа ќе ги зафатиме и селата од повисокиот реон на Шар Планина“, вели Ука Алити, командир на територијалната противпожарна единица од Тетово.
Од Општина Тетово и од противпожарната единица велат дека екипите се целосно опремени со заштитна облека и имаат на располагање доволни количества дезинфекциски средства.
З. АНДОНОВ