Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и нејзините 9 помошници од СЈО, ќе мора да платат прекршочни казни секој по 150 евра зашто не ги пријавиле дополнителните надоместоци. Антикорупциската комисија соопшти дека повела постапка против Јанева, Елизабета Јосифовска, Артан Ајро, Ленче Ристоска, Лиле Стефанова, Фатиме Фетаи, Стефчо Донев, Трајче Пеливанов, Гаврил Бубевски и Љубомир Лапе.
Според Законот за спречување корупција и судир на интереси (ЗСКСИ), тие се должни да пријават ако дополнителните приходи надминат вредност од 20 просечни плати.
„Комисијата прибави податоци од Министерството за финансии од кои констатираше дека поранешните обвинители од СЈО континуирано примале дополнителни приходи (надоместоци) и за истото по надминување на вредност од 20 просечни плати не пријавувале промена на имотната состојба, со што постапиле спротивно со член 85 од Законот за спречување корупција и судир на интереси“, соопшти Комисијата.
Ова Комисијата го утврдила при проверка на анкетните листови за имотната состојба на десетмината обвинители од СЈО, кои сега се распоредени во матичните обвинителства откај што беа избрани во составот на СЈО.
Казната за ова прекршочно дело е 300 евра, но ако дојде до т.н. порамнување со Антикорупциската комисија и веднаш бидат платени казните, без обвинителите да се жалат против одлуката на Комисијата, ќе платат половина од пропишаната казна.
Пред да ја поведе Антикорупциската комисија оваа постапка, и обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска најави дека ќе отвори предистрага да ја испита законитоста на договорите што ги потпишувале обвинителите од СЈО со шефицата Јанева, за надоместоци за ризикот што го носеше нивната работа во сега згаснатото СЈО.
С. К. ДЕЛЕВСКА