„Аве Марија“, „Санта Марија“ беа дел од песните кои славниот италијански тенор Андреа Бочели ги изведе вечерва во познатата миланска катедрала Дуомо. Концертот во чест на Велигден беше насловен „Музика за надеж“ и се пренесуваше во живо на Јутјуб, поради строгите рестриктивни мерки во Италија, каде починаа речиси 20 илјади лица од коронавирус.
Оперската ѕвезда, кој е и текстописец и продуцент, настапи во придружба на органистот Емануеле Вијанели.
„На денот кога ја славиме победата на животот над смртта, почестен сум и пресреќен што ја добив поканата од градоначалникот на Милано и од црковните власти. Верувам во силата на заедничката молитва, верувам во христијанскиот Велигден, универзален симбол на повторното раѓање кој секому, без разлика дали е верник или не, сега му е навистина потребен. Благодарение на музиката која ќе се пренесува во живо, ние ќе споиме милиони дланки насекаде низ светот, во оваа италијанска гордост ќе го прегрнеме ранетото срце на Земјата. Ќе биде радост да се слави Велигден во Дуомо, да се биде сведок на мистеријата на раѓањето и повторно раѓање“, изјави претходно Бочели.