Општина Куманово побара од Министерството за труд и социјална политика да се вклучи во акцијата за обезбедување помош на социјално загрозените категории на граѓани, кои се најдоа во тешка материјална и егзистенцијална состојба поради кризата со коронавирусот.
Општината во изминатиот период подели над 1.000 социјални пакети, кои ги обезбеди со сопствени средства или од донации од компании и граѓани. Помошта не е доволна за општина со над 100.000 жители, па затоа се бара помош од надлежните државни институции.
„Бараме од Министерството за труд и социјална политика да се вклучи во обезбедување на социјални пакети со средства за дезинфекција и прехранбени производи за сите социјално најзагрозени семејства на територијата на Општина Куманово“, соопштуваат од Општинскиот штаб за заштита и спасување (ОШЗС).
Градоначалникот Максим Димитриевски вели дека во соработка со Црвениот Крст и армијата досега доставиле вкупно 1.145 пакети.
„Акцијата ќе продолжи и во наредниот период. Граѓаните можат да се пријавуваат на телефонските броеви 075-323-569, 075-207-126 и 077-719-494. Во случај нашите служби да не одговарат поради презафатеност на дежурните телефонски броеви, граѓаните можат да испратат СМС порака со свои лични податоци“, додава Димитриевски.
За помошта да стигне и до оние кои немаат можност сами да се пријават, од денеска списоци со најзагрозените семејства ќе прават и претседаталите на месни и урбани заедници, кои потоа ќе се достават до ОШЗС.
С. НИКОЛИЌ