За Велигден полицискиот час ќе почне од 16 часот в петок и ќе трае до 5 часот наутро во вторник заради заштита од коронавирусот, одлучи Владата на денешната седница. Како дополнителна мерка, за да се спречи собирање на граѓаните, од четврток во 16 часот до вторник наутро се забранува движење на сите излетнички места, паркови и шуми низ целата држава.
За лицата над 67-годишна возраст останува активна забраната во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10 до 12 часот. За младите до 18 години останува активна забраната за движење во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13 до 15 часот.
Останува активна забраната за движење на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што тука не се вбројуваат лицата помали од 14 години, ако се деца на родител кој е дел од групата од двајца.
„Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи. Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено“, велат од Владата.
А. АНТЕВСКА