Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски пристигна прв во Рим за утрешната церемонија на прогласување на Мајка Тереза во светица, на која ќе присуствува македонска делегација, предводена од претседателот Ѓорѓе Иванов. Во делегацијата ќе биде и претседателот на СДСМ Зоран Заев, но не и Али Ахмети и Мендух Тачи.
Од ДУИ и ДПА потврдија за САКАМДАКАЖАМ.МК дека нема да присуствуваат на церемонијата, иако беа поканети од претседателот Иванов. Од канцеларијата на Иванов вчера првично немаа потврда кој се ќе биде дел од делегацијата, а потоа беа недостапни.
Пред точно еден месец, Иванов ги покани четворицата лидери на политичките партии да бидат дел од македонската делегација во Рим, велејќи дека тоа ќе биде „одлична можност за барем еден миг да ги оставиме разликите зад нас и пред меѓународната јавност, но, уште поважно, пред македонските граѓани да покажеме единство“.
Во делегацијата, покрај Иванов, Груевски и Заев ќе бидат и министерот за надворешни работи, Никола Попоски,министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, делегации на Католичката црква во Република Македонија и на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, градоначалникот на Град Скопје, како и член на семејството на Мајка Тереза.
Македонија, Албанија и Индија ќе имаат посебно место на оваа свеченост, како земји на нејзиното раѓање, потекло и мисија